ДС: Мерко на „црна листа“ – опомена за „политичката мафија“

Ставањето на Рамиз Мерко на црната листа на САД е „сериозна опомена против политичката мафија“ која владее со Македонија и против која никој не се осмелува да започне системска „војна“ , предупредува Демократскиот сојуз.



„Државата ни е во колапс, партизацијата и неподготвеноста да се изградат независни институции надвор од партиските влијанија и центрите на моќ, го суспендира владењето на правото и законитоста“ -велат од партијата.

„Потребен ни е генерален ремонт на државата, но тој процес ќе потрае сѐ до следните парламентарни и претседателски избори и донесување на нов Устав на Македонија. Инаку, Уставот го гуши демократскиот развој и одговорноста, како предуслови за државата да се движи напред“, велат од партијата на Павле Трајанов

ДС итно го повика Собранието да го донесе Законот за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со што, како што велат тие, ќе започне жестока борба и справување со криминалот што го прават функционерите.

„Наместо министрите да се чудат за тоа како Мерко се нашол на црната листа, да погледнат околу себе и да видат дека се бетер од Мерко и да се повлечат од функциите, а не еуфорично да ги повикуваат институциите да делуваат, кои во суштина се блокирани од самите нив“, се вели во соопштението од Демократскиот сојуз.