ДС: Да се повлече Упатството на Лога за внесување на етничката припадност во матичните книги

Националната и етничката припадност на една личност е неприкосновено човеково право кое не може да се изјавува во официјален документ без промена на Законот и без поддршка од граѓаните.



Демократскиот сојуз побара од Владата итно да го повлече ваквото, како што велат, незаконито Упатство, велејќи дека она што го направил министерот за правда Кренар Лога е преседан.

Демократскиот сојуз на Павле Трајанов го обвини министерот за правда, Кренар Лога за злоупотреба на службената положба и бара негово разрешување.

Според партијата на Павле Трајанов, министерот Лога донел Упатство за водење на матичните евиденции во кое, покрај податоците кои се утврдени со Законот за матични евиденции, министерот вовел графа во која се искажува и националната, односно етничката припадност. 

„Злоупотребите со балансерот при вработување треба да се спречат со укинување на овој неефикасен и дискриминирачки механизам, а не да се користат како изговор за менување на матичните евиденции без законска основа“, се наведува во писменото соопштение на Демократски сојуз.

Оттаму додаваат дека националната и етничка припадност никаде во светот, вклучително и во земјите членки во Европската Унија, не се впишува во изводите за матична евиденција ниту, пак, во документите за идентификација.