Граѓаните на Косово за неколку месеци може да се надеваат на патување без виза во Европска унија, како и во уште четири земји од шенген-зоната, откако еврокомесарот за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос денеска во Брисел изјави дека Приштина ги исполнила и преостанатите отворени барања.
Според Гркот, станува збор за ратификувањето на договорот за границата со соседна Црна Гора и за понатамошен успех во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
За укинување на обврската за виза сега мора да се согласат државите-членки на ЕУ и Европски парламент, што може да потрае неколку месеци.
„Ги трчаме последните стотина метри“, изјави Аврамопулос.
Косоварите наскоро ќе можат со биометриски пасоши да патуваат без виза и да престојуваат до 90 дена во сите членки на ЕУ, освен во Велика Британија и во Ирска, како и во Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, кои се дел од шенген-зоната.
Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година, е единствената земја од Западен Балкан која сè уште нема корист од визната либерализација. Косовскиот Парламент во март го ратификуваше договорот за границата со Црна Гора.





