За шест месеци откако е донесена уредбата само од услугата он-лајн обложување државата инкасирала 100 милиони денари, вели Васко Илијевски, претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници АСОМ за Фактор.



Оттаму, според него, неразбирливо зошто воопшто се случи државата, во услови на економска дестабилизација да не ја продолжи можноста, лиценцираните обложувалници да нудат спортско он-лајн обложување.

Оваа услуга е невозможна од ноќеска на полноќ, кога се изгасија сервисите на македонските лиценцирани обложувалници кои нудат он-лајн спортско обложување.

Васко Илијевски

„За овие 6 месеци откако е донесена уредбата, само  од оваа услуга државата инкасирала повеќе од 100 милиони денари. Притоа, зборуваме за критични месеци, во тешка година кога државната економија е силно погодена од ковид кризата.

Во вакви услови, очекувавме дека Владата ќе биде таа која ќе делува проактивно и ќе го озакони ова решение кое во пракса покажува одлични резлутати, и од здравствен аспект, но и од аспект на придобивките во државниот буџет и за вработените. За жал, Владата за шест месеци на штета на сите чинители не најде соодветен начин да ја имплементира уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри“, вели Илијевски и додава дека се уште може да се делува.

Илијевски вели дека и покрај апелите на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) уредбата да се преточи во трајно законско решение, аргументите и придобивките во буџетот кои ги изнесе Асоцијацијата, Владата до денес, не најде правен механизам како да одговори позитивно на барањето.

Асоцијацијата до Владата и Министерството за финансии веќе достави и предлог текст за имплементирање на Уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри.

Инаку, според проекциите кои ги направила Асоцијацијата, озаконувањето на он-лајн обложувањето преку македонските лиценцирани обложувалници на годишно ниво ќе значи помеѓу 500 и 600 милиони денари во државниот буџет