И без да аплицираат, Зоран Заев и Бујар Османи заслужија лавовски дел од средствата за поддршка на изумите од Фондот за иновации и технолошки развој. Првиот измисли „(македонски) мултиетнички народ“, а вториот смисли создавање мултиетничка држава од Македонија со Законот за употреба на јазиците.
„Јас и мојот мултиетнички народ сме навистина среќни луѓе“, ќе рече Заев во обраќањето при добивањето на наградата „Исабег Исхаковиќ“ во Сараево. Обидувајќи се да докаже дека не треснал уште една „зелена“, премиерот во заминување ќе ја реафирмира својата иновација и во изјава од самитот на НАТО во Лондон: „Бидете горди и среќни почитувани мои сограѓани. Македонскиот мултиетнички народ успеа“.
Епохално откритие, нема што. Науката досега го поврзуваше поимот народ со еден етнос, па има(в)ме македонски народ, бугарски, грчки, албански, српски, германски, шпански итн. Но, благодарејќи на сестраниот креативец од Муртино, наскоро може да се очекува навала од научници од целиот свет во Македонија за одблиску да се запознаат со чудото невидено еден народ да е составен од повеќе етноси. Ќе пукнат од љубомора што прво ним не им текна тоа што го промовира Заев.
Штета што веќе ги прогласија добитниците на Нобеловата награда за годинава, која, сега се гледа, неоправдано го одмина, но за следната веќе е „печен“ шампионот во иновативност меѓу мултиетничките Македонци. Што и да (му) значи тоа…
Засега, единствен што може да му го загрози приматот е Османи. За вицепремиерот за евроинтеграции, Законот за јазиците да ти бил „автентична рефлексија на Рамковниот договор, но и на потребата за создавање европска мултиетничка и функционална држава“. Одлично. Значи, „ничим изазван“, потпретседателот на Владата сака да каже дека Македонија не е ни европска, ни мултиетничка, ни функционална држава, па ѝ беше потребен закон за двојазичност за да се „создаде“ (како) таква?
Од друга страна, постои ли држава во светот што не е мултиетничка, односно барем двајца нејзини државјани да немаат различна етничка припадност меѓусебе и во однос на мнозинството? Ако е така, а така е, како може да се создава нешто што веќе е создадено, во случајов мултиетничноста, макар и на навидум функционална држава каква што е Македонија под власта на Зоќи и компанија, знае само Бујар.
Од железни опинци, кои вети дека ќе ги обуе ако просечната плата во државава не достигне 500 евра во неговиот мандат, Заев дотурка до дрвено железо, каква што му е теоријата за мултиетнички народ. Османи, пак, да не остане покус, верно го следи во чекор со мулти-култи мудролиите.
(Мултиетнички) народ со вакви иноватори не треба да се грижи за својата иднина. Не во НАТО, во НАСА ќе го примат.
П.С. Живо ме интересира како би си поминал Заев кога би пробал, на пример, Албанците да ги просветли со тоа што ќе им се обраќа како на „мултиетнички албански народ“. Или Османи да се обиде на сонародниците од Албанија да им ја продаде тезата за двојазичноста (да речеме, македонскиот јазик да се употребува на целата територија на Албанија заедно со албанскиот) како автентична рефлексија на потребата за европска, мултиетничка и функционална држава…




