Драстичен пад на поддршката за ЕУ, уставните измени непожелни за Македонците

Само 24 отсто или приближно секој четврт граѓанин во Македонија ги поддржува уставните измени, додека поддршката за ЕУ е опадната за цели 4 отсто во споредба со лани. Ова се резултатите на две истражувања на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер. Падот, според анализата на јавното мислење е голем, иако сè уште 60 отсто, или приближно две третини од граѓаните ја поддржуваат ЕУ-перспективата и сметаат дека ЕУ ни е најголем донатор и сојузник. Сепак, дополнителни 20 отсто од граѓаните сметаат дека членството ово Унијата не е воопшто важно, додека 12 отсто се отворено евроскептични.



Од младите луѓе на возраст од 18 до 24 години само половината го поддржуваат членството во ЕУ. Исто така, 65 отсто, односно над две третини од сите испитаници сметаат дека измените на Кривичниот законик се донесени за заштита на политичките елити од минати криминални дејствија.

За изработка на двете истражувања биле користен примерок од 1.000 испитаници чие мислење било испитано на анкета во ноември.

Марко Трошановски, претседателот на Институтот за демократија во поздравното обраќање на презентацијата на истражувањата во Europe House информираше дека ова е најнизок степен на поддршка на ЕУ од 2014 година до денес, но дека сепак мнозинството граѓани ја подржуваат ЕУ.

– Голем дел на овој пад се должи на горчливото искуство на земјата со критериумите што го има за започнување на преговори, кои не секогаш беа објективни. Но таа перспектива не треба да биде приоритет, туку приоритет треба да биде што нашата земја прави за да се приближи до Унијата. Треба да се фокусираме на патот кон ЕУ и реформите и тие да ги правиме поради самите себе. Фрустрацијата која што ја чувствуваме не треба да биде аргумент за скршнување од овој пат – смета тој.