
Најновите државни обврзници ќе котираат на Македонската берза, а за тоа берзата ја извести инвеститорската јавност.
Првата државна обврзница почнува да котира од денеска на Официјалниот пазар на потсегментот Берзанска котација. Станува збор за државни обврзници без девизна клаузула, а вредноста на емисијата е 757.520.000 денари, или 12,3 милиони евра. Тоа се 15 годишни обврзници, бидејќи се издадени на 17 претходниот месец, а датумот на нивното доспевање е 17 ноември 2037 година. Каматната стапка на оваа обврзница ќе биде 5 отсто.
Вториот вид на хартиите од вредност кои исто така со котација ќе почнат од денеска се државни обврзници без девизна клаузула. Вредноста на емисијата е 352.430.000 денари или 5,7 милиони евра.Обврзницата е издадена на први декември годинава, а датумот на доспевање и е исто така после 15 години. Нејзината каматна стапка е дури 5,2 проценти, која одамна не е запаметена за задолжувањето на државата на домашниот пазар.
Пред околу еден месец, пак, на берзанска котација дојде 15 годишна обврзница на сума од нешто над пет милиони евра. Нејзината каматна стапка беше 4,4 отсто, што тогаш се сметаше за многу висока стапка.
Врз основа на анализата што ја направи Фактор, може да се види дека првата државна обврзница што била издадена на почетокот на годинава каматната стапка изнесувала 2,6 отсто. Потоа, во март се издала обврзница со истата рочност, со износ од нешто над 15 милиони евра, а нејзината каматна стапка била 2,9 отсто. Следува исто така 15 годишната обврзница издадена во април, која била на помала сума од околу три и пол милиони евра и чија камата била пониска од претходната, 2,6 отсто.
Во август биле издадени три државни обврзници, со уште повисоки камати. Односно, една од обврзниците била на сума од пет милиони евра и имала камата од 4,2 отсто, втората тежела повеќе, односно 7,5 милиони евра и имала камата од 4 отсто, додека, пак, третата августовска обврзница била убедливо најгломазна и била издадена на износ од 25 и пол милиони евра, а нејзината каматна стапка изнесувала исто така 4 проценти. Во септември се издадени две обврзници, од кои првата е на мниогу мала сума од 750 илјади евра и имала камата од 4 отсто, додека, пак, втората октомвриска ваква хартија од вредност има сума од 14 милиони евра, а нејзината камата била 4,2 проценти.
Парите од ММФ имаат многу пониска каматна стапка.
Според податоците од НБМ, пак, на крајот на октомври, каматите на новоодобрените кредити на граѓаните и фирмите доделени од банките, стигнале до ниво од 4,44 отсто, што е многу значајно зголемување кај оваа категорија во однос на претходниот месец, кога тие биле на ниво од 4,09 отсто, што значи порастот е за 0,35 процентни поени.
Извор: Фактор.мк





