Драги Рашковски поднесе оставка на функцијата секретар во кабинетот на премиерот.
Оставката поранешниот ген-сек на владата ја објави на Фејсбук.
Оставката доаѓа по неговиот „одмор во Мексико“ токму кога неговото име беше поврзано со неколку скандали – набавка на софтвер што не го користи ниедна институција. дека Рашковски вози џип „Волво“ XC90, кој не е наведен во неговиот анкетен лист, но и дека почнал да гради хаиценда во Побожје каде како инвеститори се јавуваат неговите две малолетни деца.
Претходно името на Рашковски се споменуваше и во скандалот со италијанската компанија „Леонардо“ тежок милиони евра за опрема на скопскиот аеродром.
„Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции. За лажните вести најдобро искуство да го преточиш во научен труд е преку лично искуство. Се надевам лажните вести ќе престанат, зошто нивното негативно влијание не штети само лично. Вистинската причина за повлекувањето е наведена во самото писмо. Се поразлично од тоа е лажна вест“, напиша Рашковски на ФБ.
„Кога политиката, политиканството ќе станат погласни од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во се да ја бара логиката. За некој на кого во светски рамки има добиено 11 златни и 2 сребрени метали за своите иновации е деградирање на интелектуалниот капацитет споредбите кои се прават од одредена јавност. Останува времето да покаже која е вистинската причина за тоа“, пишува тој во писмото во кое ја образложува оставката.
Државната комисија за спречување на корупцијата на 10-ти минатиот месец отвори предмет за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот којшто го распишал Драги Рашковски како генерален секретар на Владата, а се проверува и имотната состојба што ја пријавил во анкетениот лист. Основното јавно обвинителство за организиран криминал на 18 минатиот месец отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот, а на 9-ти месецов беше извршен претрес во просториите на фирмата „Инвока груп” од која е купен софтверот.







