Др. Ковачев: 17 прашања што ги мачат Македонците за договорот со Грција

Др. Горан Ковачев дава свои одговори на 17 најпоставувани прашања поврзани со Преспанскиот договор, со цел да се појасни содржината и суштината на договорот:



Дали договорот е симетричен?   НЕ!

Во преамбулата на договорот, Хеленската Република (официјалната самоидентификација на Грција-право кое никој не може и не смее да ѝ го скрати) е наведена како „Прва страна“, додека како друга страна во договорот е наведена само „Втората страна“. Нема никаква индиција за која земја станува збор, освен што се повикува на референцата која ние не ја прифаќаме од Резолуцијата на ОН бр. 47/225 од 8 Април 1993 година. Тоа претставува грубо кршење на меѓународното, договорното и облигационото право и омаловажување на една од договорните страни.

За асиметричноста на договорот говори и фактот што со него Грција поединечно презема само 7 обврски, а Македонија поединечно дури 24.

Дали Република Македонија ќе мора да го смени своето име?   ДА!

Република Македонија еднострано, неповратно и трајно ќе мора да го смени своето име во „Република Северна Македонија“, скратено: „Северна Македонија“ преку промена на Уставот со амандман и новото име ќе мора да го користи секаде и во секоја прилика, т.н. “erga omnes” (член 1, став 3, алинеја а и г, став 8). Еднострано, затоа што тоа го прави без да побара некаков реципроцитет од Првата страна, а неповратно и трајно, затоа што кога еднаш веќе ќе се промени Уставот (член 1, став 12), понатаму е многу тешко (скоро невозможно) да се издејствува враќање во сегашната состојба, поради Бадинтеровото мнозинство потребно за негова повторна промена.

Дали ќе се смени националноста „Македонец“?   ДА!

Досегашниот назив за националноста „Македонец“ со договорот добива дополнителен описен дел „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“ (член 1, став 3, алинеја б). Притоа, со интерпукцискиот знак „/“ не е јасно дали терминот ќе се користи секогаш заедно и сврзано или секој ќе има право да избере еден од термините „Македонец“ или „граѓанин на Република Северна Македонија“? Со оглед на тоа што е предвидено оваа кованица да биде запишана во пасошите, а на насловната страница од пасошот кој е единствен документ за легитимација на носителот и државата надвор од државните граници ќе стои името Република Северна Македонија (анг. Republic of North Macedonia), во пракса многу е извесно дека на билатерално и мултилатерално ниво ќе се користи само називот „граѓанин на Република Северна Македонија“ (анг. citizen of RNM) или едноставно: „Северномакедонец“ (анг. Northmacedonian или North Macedonian). Впрочем, сведоци сме дека од неодамна некои светски познати медиуми  и институции „пробно“ веќе почнаа да го користат називот Northmacedonian за националноста исто како и нашите „драги пријатели“ потписници на овој договор од Првата страна.

Како доказ за ова би набројал и неколку примери: Ирците во Северна Ирска самите себе си се нарекуваат Ирци (анг. Irish), но за целиот свет се Северноирци (анг. Northern Irish). Бурите од Јужна Африка самите себе си се нарекуваат Африканци (afr. Afrikaaner), но сите ги знаат како Јужноафриканци (анг. South Africans). Корејците од ДНР Кореја се Корејци, но дали сте слушнале некој да им се обрати поинаку од Севернокорејци (анг. North Кoreans)?

Исто така, со договорот се предвидува дека за Македонците во Втората страна терминот „Македонец“ како етничко чувство/идентитет треба да остане (член 7, став 3), но понатаму договорот предвидува дека секој што ќе се нарече „Македонец“ на територијата на Првата страна (и во целиот свет со исклучок на територијата на Втората страна, заб. авт.), тој е припадник на грчката област, цивилизација, историја, култура и наследство од антиката до денес  (член 7, став 2). Со ова практично, за целиот свет терминот „Македонец“ ќе се однесува на лицата кои се идентификуваат како такви во Грција, додека за лицата кои се идентификуваат како такви во Македонија интерно ќе се користи терминот „Македонец“, но надвор од државата ќе се користи терминот „граѓанин на РСМ“ или колоквијално „Северномакедонец“ како што веќе објаснивме погоре. Или ние внатре во себе и во границите на нашата држава ќе си бидеме Македонци, ама за светот ќе бидеме Северномакедонци.

Дополнително, со овој член Македонците кои живеат на територијата на Грција целосно го губат својот идентитет. Сега, доколку тие се наречат „Македонци“ тоа ќе значи дека припаѓаат на грчкиот народ, а ние со тоа целосно се откажуваме од правото да го користиме терминот „Македонец“ за припадниците на македонското национално малцинство во Грција.

Како капак на сè, Втората страна се обврзува на промена (или бришење, заб. авт.) на член 49 од Преамбулата на Уставот кој се однесува на грижата за припадниците на македонскиот народ во соседните земји и иселениците (член 1, став 12)!

Ова е решение без преседан во меѓународното право!

Останатите 13 прашања и одговори на блогот на Др. Ковачев.

Резиме:

1.Дали договорот е симетричен? НЕ
2. Дали Република Македонија ќе мора да го смени своето име? ДА
3. Дали ќе се смени националноста „Македонец“? ДА
4. Дали ќе се смени името на македонскиот јазик? НЕ
5. Дали ќе мора да се сменат МК и МКD кодовите? ДЕЛУМНО
6. Дали државните органи и институции во јавна сопственост ќе мораат да ги менуваат своите називи? ДА
7. Дали ќе мора да се менуваат имињата на топонимите во државата кои содржат придавка „македонски“? НЕ
8. Дали ќе мора да се менуваат личните документи? ДА
9. Дали новото име ќе мора да се користи во комерцијалната употреба? ДА
10. Дали ќе мора да се смени нашата официјална историска доктрина? ДА
11. Дали ќе мораме да ги рушиме спомениците од античката македонска историја? НЕ
12. Дали ќе смееме да го употребуваме симболот на Сонцето од Кутлеш? НЕ
13. Дали ќе смееме да ги употребуваме македонските топоними за местата во Егејскиот дел на Македонија? ДЕЛУМНО
14. Дали ќе бидеме примени во НАТО? МОЖЕБИ
15. Дали ако бидеме примени во НАТО ќе бидеме побезбедна и постабилна држава? ДЕЛУМНО
16. Дали ќе бидеме примени во ЕУ? МОЖЕБИ
17. Дали ова е добар договор? НЕ