Проф. д-р Илија ВЕЛЕВ, ексклузивно за Денешен.мк, по денес објавените препораки на Комисијата за историја за светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и за цар Самоил.
ДОСТА Е!
Не растурајте бугарска хегемонистичка магла, почитувани македонски колеги – членови на билатералната бугарско-македонска Комисија за историски и образовни прашања!
Непосредниот повод за Ова јавно обраќање е објавувањето на Вашите „експертски“ препораки со кои официјално се согласувате дека Македонија и Бугарија имале заедничка историја (а не само кратко периодично споделена, з.н.), но и дека во Македонија – по Вашиот „експертски терк“ ќе се усогласувале учебниците по историја, географија, па дури и по литература.
Како академски и научноистражувачки претставник од современата македонска генерација со над 500 научни книги, студии и прилози од областа на медиевистиката, византологијата, палеославистиката, историографијата, културологијата и на науката за книжевноста, Ви се обраќам јавно со загрижувачка напомена. Престане полтронски кон политиката да растурате бугарска хегемонистичка магла во македонската наука, образование и културна традиција. Не знам дали свесно, или од политиканска компромисна заслепеност го притемнувате македонскиот културноисториски идентитет и индиректно на Македонците им го оспорувате загарантираното меѓународно право за национално, културно и јазично самоопределување: како посебен народ и како посебна национална историја и култура – со вековна традиција и континуитет?
Јавно Ве прашувам.
Дали сметате дека ќе се најде некој сериозен медијавист и кирилометодиевист надвор од палеобугаристиката што ќе ги сфати за научно сериозни „експертските препораки“ на заедничката македонско-бугарска политиканска Комисија за историски и образовни прашања?
Вие, членовите на македонскиот дел од Комисијата (кои патем ниеден од Вас не е медиевист и кирилометодиевист) како целосно да сте се приклониле на палеобугаристичката митоманија за кирилометодиевистиката, која главно не се прифаќа во другите словенски центри и се смета како романтичарска, хегемонистичка и дури како националистичка.
Понудените текстови за св. Кирил и Методиј, или за св. Климент и Наум Охридски се толкувани надвор од секаков контекст на кирилометодиевските глобални цивилизациски процеси – за кои просторот на средновековна Бугарија бил целосно маргинален.
Насекаде во европската палеославистиката е јасно дека кирилометодиевската сесловенска мисионерска дејност била над сѐ византиска, а подоцна служела и на црковнополитичките интереси на папата во Рим. Во историски воено-политички контекст, таа дури била и антибугарска – зашто пред да почне Моравската словенска просветителска мисија, Ханска Бугарија не била христијанизирана, а како франечки воен сојузник директно била во војна со Византија и посредно со западнословенските кнежества во Моравија.
Во тој контекст, како е можно св. Кирил и Методиј да се толкуваат како бугарски словенски просветители? А кирилометодиевската старословенска писменост и книжнина, како „старобугарска“?
Не се помалку иронични и „експертските“ култно-легендарни напомени за св. Климент Охридски дека тој бил поставен за словенски епископ во Кутмичевица од владетелот на Ханска Бугарија. Притоа „компромисно“ не се имало предвид дека христијанскиот црковен канон оневозможувал мирско лице да спроведува хиротонија на великодостоинственик во духовен чин. Кој црковен достоинственик ја извршил богослужбената хиротонија на словенскиот епископ св. Климент? Секако тоа не го сториле актуелните присутни византискогрчки архиереи во Ханска Бугарија, а најмалку е можно тоа да биле римопапски легати.
Уште попразноверно е запишаното дека св. Наум Охридски бил основоположникот на Плисковско-Преславската книжевна школа, а по 893 година дека бил испратен од бугарскиот владетел да работи во Охридската книжевна школа. Истражувањата покажуваат дека св. Наум Охридски самоволно ја напуштил Бугарија по Преславскиот собор во 893 година и дека заминал кај својот кирилометодиевски соученик св. Климент. Тие заедно ја организирале и ја развиле Охридската духовна и книжевна школа врз основа на изворните идеи од кирилометодиевското словенско просветителство. Токму и преку изворните словенски кирилометодиевски развојни карактеристики на Охридската духовна и книжевна школа во однос на различните во новоформираниот Преславски книжевен центар, јасно се истакнува историската потврда за посебната издвоеност на македонската средновековна духовна и книжевна традиција од бугарската.
Линк до целата реакција.







