Епидемиологот Д-р. Драган Даниловски, на Фејсбук објави детална анализа за тигрестите комарци,чиј број станува се поголем во земјава, и нагласи зошто авионското прскање против комарци не е ефикасно.
“Пред неколку дена ми падна в очи еден напис во “The Washington Post”, за појава на епидемија на болеста денга во Перу (население 33,7 мил.), со рекордни 110.000 заболени, што директно го поврзуваат со обемни дождови во претходниот период и повисоки температури заради климатските промени.
Инаку, болеста се пренесува со помош на комарци, особено т.н. тигрести комарци (Aedes albopictus). Колку повеќе врнежи, толку повеќе комарци – и толку повеќе заразени. Епидемијата е предупредувачки знак за земјите во тропските предели, бидејќи климатските промени носат топло и влажно време, што обезбедува идеални услови за размножување на комарците“ пишува Даниловски.
Епидемиологот вели дека во Македонија присуството на тигрести комарци првпат е докажано во 2016 година на границата со Грција. Сега веќе е доминантен вид, зашто, практично ги има потиснато другите „домашни“ видови комарци.
„Карактеристично е што женките касаат по цел ден, а не како другите, само наутро и навечер. Исто така, за положување на јајцата не му се потребни големи површини застојана вода, туку доволни се и мали количини, на пример, во саксии за цвеќе, вазни, контејнери и автомобилски гуми, барички вода во дворот. Агресивен е и создава посилни алергиски реакции кај луѓето, отколку „домашните“ комарци.
Затоа, авиодезинсекцијата во населените места, која се спроведува секоја година по неколку пати е „сизифовска“ работа, зашто, едноставно, не може да биде успешна и треба да се укине. Зошто? Затоа што ги уништува само оние комарци кои во моментот се во воздух. А, знаеме, постојат и ларви… Таа треба да се применува само во ненаселени подрачја или при елементарни непогоди.
Според него, во населените места е потребна дезинсекција со прскање од земја. Значи, треба да се смени стратегијата. Освен тоа, од суштествена важност е да се организира јавна едукативна кампања, за граѓаните да внимаваат да немаат застојана вода во својата околина, особено оние што имаат дворови. За лична заштита, треба да се користат репелентни средства“, вели професорот.







