Гинекологот и директор на струшката болница, Мухамед Асани, за кого министерот Венко Филипче вчера соопшти дека е разрешен поради скандалот со родилката Веаповска од Дебар, која остана без бубрег, јајник и матка, се огласи на Фејсбук.
Асани пишува дека досега не се изјаснувал на темава бидејќи совеста му била чиста, но сфатил дека јавноста погрешно е информирана и лошо е сфатен целиот случај, објави Фактор.
„После една екстремно тешка и вонредна работа, која траеше цели 8 часа, успеавме да и го спасиме животот на пациентката. Сакам да нагласам дека гинекологот НЕ ВАДИ БУБРЕГ. Констатација од некои портали и индивидуи кои или тенденциозно го прават тоа или немаат поим што значи медицина. Бубрегот е изваден од страна на хирурзите кои во моментот имале индикација за тоа, зашто само на тој начин можело да го спречат крварењето кое потекнувало од таму ( сето ова е се документирано)“, пишува Асани
Тој меѓудругото додава дека ја разбира болката на семејството од Дебар, но истите пишува дека требало да знаат дека во неговата работа немало грешка.
Асани додава дека жали поради тоа што пациентката морала да се соочува со постоперативна компликација но дека целата состојба и тек на операција им биле пренесени на семејството.
На крај, Асани вели дека неговата совест е многу мирна
„Уште еднаш потенцирам дека цело време сум бил професионален и посветен во мојата работа. Ова може да го потврдат илјадници пациенти во мојата 30 годишна кариера, кои и ден денеска ми се заблагодаруваат секогаш кога ќе се сретнеме“, стои во Фејсбук објавата на Асани.






