Коментирајќи ги бугарско-македонските односи, бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев, вели дека „Скопје треба да ја искористи шансата што ја има’, бидејќи темата за проширување на Европската унија нема да биде популарна доволно долго, со оглед на превирањата околу пандемијата на коронавирусите и здравствените и економските проблеми што ги носи.
Тој категорично негира дека Бугарија била под притисок однадвор да се согласи за почетокот на преговори на Македонијаза членство во ЕУ.
Дончев за бТВ истакна дека земјите кандидати мора да ги расчистат сите контроверзни прашања и да не ги внесуваат во ЕУ пред да започнат преговори, пренесе БГНЕС.
Бугарија презеде доволно чекори за поддршка на Македонија во последните години, рече тој, додавајќи дека Софија не го оспорува идентитетот на населението во Македонија.
„Прашањето тука е како се толкува историјата и како се користи внатрешно и надворешно. „За разлика од идентитетот што секој може да избере како да се чувствува, постои историска наука која работи со факти“, вели Дончев.




