Малолетникот на возраст од 16 години кој пред два дена го прегази скопскиот хирург Ѓорѓи Јота е во куќен притвор, а Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје го товари за две кривични дела:тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода, пренесоа медиуми
Постапката против него се води според Законот за право на детето со оглед дека нема наполнето 18 години, а од ОЈО Скопје соопштија дека на нивно барање судот му определил на малолетникот куќен притвор во траење од 15 дена и му го одзел пасошот.
„Иако немал возачка дозвола, тој управувал автомобил БМВ Х6 по булеварот ’Мајка Тереза‘ во Скопје и кога дошол на раскрсницата со улицата ’Елисие Поповски Марко‘ не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин не го управувал автомобилот со брзина која би му овозможила да запре и да ги пропушти пешаците. Така, тој со возилото удрил во пешак кој во тој момент поминувал по пешачкиот премин“, соопштија од Обвинителството.
Од ударот, прегазениот хирург се здобил со тешки повреди поради кои се наоѓа во животозагрозувачка состојба.





