ДОМ и ЛДП: Остануваме во Владата, гласачите сами ќе проценат за кого ќе гласаат во вториот круг

Триесет илјади гласови кои ги добивме во првиот круг на локалните избори не смееме да ги изневериме. Остануваме во владината коалиција, но по вториот круг сериозно ќе разговараме со нашите политички партии да се смени нешто во начинот на владеење. За вториот круг сметаме дека нашите гласачи се доволно интелигентни и не треба да ги насочуваме за кого да го дадат гласот, порачаа лидерката на ДОМ, Маја Морачанин од Движењето „Одлучно за промени”.



Таа денеска на прес-конференцијата информираше дека имаа 51 советничка листа и 18 кандидати и кандидатки за градоначалници, а освоиле 25 илјади гласови на советничките листи и плус 9 илјади гласови од листата советничка во Градот Скопје. Како што посочи, ова значи дека на сите тие 51 листа вкупно имаат преку 34 илјади гласови.

Што се однесува до бројките и гласовите за градоначалниците, Морачанин рече дека имаат околу 25 илјади гласови добиени за нивните кандидати и кандидатки за градоначалници, и е задоволна од овој успех.

– Навистина многу сме задоволни со овој успех и добро е што граѓаните ја препознаа нашата идеја, нашата визија заеднички без разлика на партиска припадност, членство, активисти, експерти да го искористиме сиот потенцијал што го имаме во државата и да обезбедиме поквалитетен и поздрав живот за секој граѓанин, рече Морачанин.

Во однос на гласањето во вториот круг, таа рече дека тие не располагаат со гласовите на граѓаните, и убедена е дека тие се доволно мудри и во вториот круг масовно ќе излезат и ќе го поддржат кандидатот за кој веруваат дека навистина во следните четири години ќе ја води општината во позитивен правец.

Морачанин денеска ги демантираше шпекулациите дека се во преговори за ново парламентарно мнозинство. Посочи дека сето она што граѓаните им го кажаа и во кампања и пред кампања и на самиот изборниот ден, е она што мора понатаму да се преточи во реализација, и да продолжи државата да оди напред по еден прогресивен европски пат.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски истакна дека добиените 30 илјади гласови не смеат да ги изневерат.

Тој на денешната прес-конференција рече дека остануваат во владината коалиција, бидејќи според него, Владата има сериозни предизвици во започнување на разговорите со ЕУ, и смета дека е несериозно да се наруши тој пат.

-Според нашите сознанија од нашите парнтери од Брисел, очекуваме пoзитивна одлука и деблокирање на процесот на европските интеграции. Мислам дека нема логика Владата да се нарушува, но повторно ние гласот на граѓаните сериозно ќе го послушаме. Како ЛДП и како ДОМ сериозно ќе разговараме со нашите партнери за продолжување на соработката, рече Милевски.