ДОМ бара уривање на дивоградбите во Охрид

„Единствен начин да го сочуваме нашето единствено светско природно и културно наследство е да ги спроведеме препораките на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО“ – предупредуваат од партијата ДОМ откако никна уште една дивоградба на државно земјиште, во заштитеното градско подрачје на Охрид.



Од партијата велат дека приоритет е препораката на УНЕСКО број 6 за воспоставување мораториум на какви било урбани и крајбрежни трансформации во рамките на заштитеното подрачје додека сите релевантни плански документи не се усвојат и да се обезбеди строго спроведување на законите и прописите за да се спречи понатамошно незаконско градење.

ДОМ ги потсетува надлежните институции дека се должни да постапуваат согласно законот, зашто во спротивно и самите ќе сносат одговорност за непостапување и соучесништво.

„Уривање на дивоградбите е непопуларна, но во оваа ситуација единствено целисходна мерка која може да придонесе да го сочуваме УНЕСКО статусот. Потсетуваме дека на сесијата на Комитетот на УНЕСКО во Баку, овој месец, ни беше одреден дополнителен рок за исполнување на клучните препораки на мониторинг мисијата на УНЕСКО, до февруари 2020 година. Доколку тоа не се реализира, Охридскиот регион ќе биде ставен на листата на светско наследство во опасност“, соопштуваат од партијата од каде бараат санкционирање на нелегалното градење.