Докторка од Бергамо во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ се пожали за критичната ситуација во болниците поради коронавирусот, која нејзините колеги ги довела на работ на нервите.



„Бесни сме. Немаме инструменти за да им помогнеме на сите, само заштитни средства… Пациент престанува да диши, му го масираш срцето – секако, ти како доктор не можеш да го оставиш да умре – тој те гледа. А како да го интубирате? Имаш цевка, но немаш апарат за механичка вентилација. И што да се прави?“, прашува хирургот.

„Им ги пренесуваме на пациентите зборовите што ни ги кажуваат членовите на нивните семејства преку телефон, им даваме ливчиња со пораки и со цртежи од внуците што ни ги донесуваат. На семејствата им соопштуваме по телефон за починатите. Морав да разговарам со две деца на пациент, кои живеат далеку едни од други. Не можеа дури ни да го исплачат заедно. Да не зборувам за тоа дека не можеа да го држат за рака – дури ни ние не можеме да го направиме тоа. Тие умираат сами. Во мртовечница ги носат завиткани во фолии со средства за дезинфекција“, раскажува докторката“.

„Пациентот чувствува што се случува и тоа може да се прочита од неговите очи. ‘Пренесете ѝ на мојата сопруга дека ја сакам’ или ‘Поздравете ја мојата тукушто родена внука, која не успеав ни да ја видам’, велат“, пренесува докторката во потресното сведоштво од градот на северот на Италија.

Бројот на жртвите од коронавирусот во Италија во последните 24 часа достигна нов рекорд од 627! Откако вчера Италија ја надмина Кина по бројот на починати од Ковид-19, денеска членката на Европската унија бележи вкупно 4.032 починати од пандемијата на новата болест.