Доктор Мирослав Гроздановски, долгогодишен невролог, кој пред еден месец фотографираше погрешно испишаната табла за „дерматовенерологија“ во поликлиниката „Букурешт“, а фотката подоцна осамна на социјалните мрежи и предизвика јавен потсмев – заработи отказ на три години до пензионирањето.
Тој за „Слободен печат“ ја потврди информацијата и рече дека неговиот сомнеж е дека токму тоа што го обелоденил навидум наивниот настан со погрешно испишаната табла, претставувало основа да биде отпуштен од работа.
Иако формално-правно причините за отказот се поинакви, проблемите почнале да се случуваат еден ден по фотографирањето на таблата, кога доктор Гроздановски добил решение за прераспределување во друга поликлиника, пишува Слободен печат.






