Не е само „Бехтел и Енка“ фирмата која бара тајност на Договорот за изградба на автопатиштата долж коридорите 8 и 10д, туку и Јавното претпријатие државни патишта барале договорот за надзор на изградбата на автопатот Кичево-Охрид чиј инвеститор е ова јавно претпријатие да биде таен, далеку од очите на јавноста. Во рамките на истражувањето кое го направи „МКД.мк“, го објавува вториот дел од другата страна на приказната за автопатот Кичево-Охрид, градежен потфат кој за државата веќе 10 години е клучен капитален проект од национално значење.
Јавното претпријатие државни патишта (ЈПДП) за едни е мајка за други маќеа. За претставниците ба ЈПДП нема ништо спорно ако договорот за надзорот, фирмата ИРД Инженеринг, што ја надгледува работата на „Бехтел и Енка“, фирма што ќе ги гради автопатиштата долж коридорите 8 и 10д, е јавен и може да се најде на страницата на Биро за јавни набавки, но има проблем со тоа, договорот за надзор на изградбата на автопатот Кичево-Охрид да биде даден на увид на јавноста.

МКД.мк трагајќи по одговори кои се од јавен интерес откри дека главниот надзор за автопатот Кичево – Охрид, фирмата Градежен институт Скопје не смее да дава информации за тоа што се вршат директно на терен и информации за тоа што е преземено по поплаките на мештаните од селата Попоец и Извор, кичевско.
Гоце Митески е жител на селото Попоец. Одамна, како и сите млади заминал за Кичево за да изгради подобар живот за себе и за своето семејство. Децении после, во 2004 година, воден од носталгијата и љубовта кон родниот крај, се вратил во своето село и отворил бизнис, фарма со капацитет од 1.200 кокошки. Сѐ до пред десетина години кога поради изградбата на автопатот Кичево-Охрид му се превртел животот наопачки.

- – „Се вратив од Кичево за да живеам овде мирен живот. Направив фарма. Работата ми одеше многу добро. Но поради проблемите, особено оние со минирањето на теренот, кокошките угинаа и морав фармата да ја намалам на една третина. Сега работам колку да преживеам. Дури и куќа направив тука и сега јас немам кај да одам. Пензијата ми е минимална, мојата сопруга зема инвалидска пензија, а од нешто мора да се живее“, се жали Митески.
Тој вели дека на селануите не им смета тоа што се гради автопатот, но патот во селото низ кој што поминуваат камионите е целосно уништен.
- – „Кога поминуваат оттука нѐ прскаат. Возачите не се виновни. Ќе ги запреме, ќе прашаме зошто вака правите, тие велат ние не сме од Гранит, изведувачот на работите. Ќе запреме да прашаме некој од Гранит, ни велат ама само два камиони поминуваат. Па те цистерната за вода е расипана. Ретко некогаш ќе дојдат да го испрскаат патот“, тврди Митески.
И од Државниот инспекторат за животна средина велат дека немаат добиено барања за информации од јавен карактер за изградбата на овој автопат. На прашањето на МКД.мк какви неправилности констатирал инспекторатот при контрола на изградбата на автопатот Кичево-Охрид добивме одговор дека одговор на ова прашање нема.

- – „ДИЖС досега постапувал во два случаи по претставка на граѓани. За еден од нив информации нема затоа што сета документација изгоре во пожарот во 2020 година. Други надзори не се вршени. Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер не сме добиле“, велат од инспекторатот.
Сепак, МКД.мк поседува докази кои ја потврдуваат сета голгота низ кои поминуваат мештаните на селата Попоец и Извор. Редакцијата ќе упати дополнителни прашања до надлежните институции и штом добиеме одговори тие веднаш ќе бидат објавени. 598 милиони евра е последната пресметка на Министерството за транспорт и врски, пари предвидени за изградба на автопатот Кичево-Охрид, долг 57 километри, кој ги поврзува Албанија, Македонија и Бугарија и е дел од паневропскиот коридор 8. Копнениот дел на овој коридор почнува во Драч, Албанија, преку Струга, Кичево, Тетово, Скопје и завршува во Варна, Бугарија.





