Договорот за изградба на „Чебрен“ виси на конец – пролонгиран рокот за негово потпишување

Ако постоела било каква можност самата држава да го изгради „ХЕЦ Чебрен“ вреден повеќе од 1 милијарда евра, тогаш во изминатите 40 години сигурно тоа би било направено, одговори денеска премиерот Димитар Ковачевски на забелешките на Здружението на инженери кое смета дека со давањето на Чебрен на странска компанија се нарушува електроенергетската независност на државата.



Такви дискусии се воделе 40 години, бидејќи овој проект е стар 40 години колку што се сеќавам имаше и 13 неуспешни тендери коишто дури даваа и подобри услови за оној кој би ја добил можноста за градење на ревизибилната хидроцентрала, меѓутоа од различни причини не успеале претходно. Така што, доколку постоеле можности самата држава да го изгради овој проект вреден над една милијарда евра, тогаш во изминатите 40 години сигурно тоа би било направено – рече Ковачевски.

Тој, како што рече, во изминатите години не видел иницијатива за овој проект од експертите кои имаат забелешки. Тој смета дека кога странски компании инвестираат во вакви значајни проекти, бенефит ќе има државата затоа што ќе се изгради голем инвестициски проект со финансиски средства што ќе дојдат од надвор.

Рокот за потпишување на договорот требаше да истече денеска, но е пролонгиран, зашто Грците поднеле жалба до Министерството за животна средина. Тие не откриваат повеќе информации за жалбата, и најавија повеќе информации за наредните денови. Вицепремиерот Битиќи вели дека не чул дека е возможно договорот да пропадне, но повикува на носење храбри одлуки.

Секако, ако процедурално, Министерството за животна средина оцени дека не е возможно спроведување на тој проект, нема да се спроведе, но сметам дека за државата е битно денеска, денеска и во ниту еден друг момент да се направат вистинските одлуки“, изјави Битиќи.

Здружението на инженери на Македонија бара да се замрзне потпишувањето на договорот за јавно-приватно партнерство за Чебрен сѐ додека не се истражат, потврдат или отфрлат нивните сомневања. Оттаму изразуваат сомневање дека се направени низа суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци со општите акти на Владата во постапката при подготовката и реализацијата на јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на струја со изградба на хидроелектрани на Црна Река.

Со давањето под концесија на странска компанија, сметаат експертите, се загрозува енергетската независност на државата. На тендерот за изградба на Чебрен беше избрана грчката компанија „ППС“.