Државна тајна бил договорот со „Бехтел и Енка“ и нема да го види никој зашто е класифициран на нивно барање, рече вицепремиерот Артан Груби кој дал примерок на јавното обвинителство. Документите нема да им ги дадат ниту на пратениците затоа што содржат бизнис тајни. И покрај силниот притисок од јавноста, главниот координатор на проектот Груби нема да го даде на увид договорот што е потпишан со „Бехтел и Енка“ бидејќи бил класифициран на барање на американско-турскиот конзорциум.

- – Договорот со „Бехтел и Енка е класифициран. Тоа е секаде каде што гради овој конзорциум. Така беше и во Србија и на Блискиот исток. Тоа не е ништо чудно. Компанијата исто така не дозволува да биде објавен. Единствен кој го има договорот е Јавното обвинителство.
Вицепремиерката за добро владеење Грковска, рече дека договорот не треба да се крие, освен ако нема таква пречка.
- – Jaс не гледам причина зошто договорот да не биде објавен. Станува збор на стратешки договор од национален интерес. Не сум сигурна, ќе проверам дали има некоја клаузула која би го спречила тоа, рече Славица Грковска, вицепремиер за добро владеење.
На брифинг со новинарите, Груби, Бектеши и Бочварски убедуваше дека државата нема да плаќа пенали ако не ја зголеми работната недела од 40 на 60 часа, туку ќе плаќа повеќе пари оти ќе се гради подолго. Ако работниците градат по 10 часа дневно, тогаш автопатите ќе бидат готови за 4 години и 7 месеци. Но, Груби не знаеше колку време плус ќе биде потребно за градба ако не се донесат законските измени, ниту колку пари ќе бидат потребни за тоа. Рече дека и првичната сума од 1,3 милијарди евра е само претпоставка. Ама, иако слабо се сеќава на членовите и одредбите, одлично памти дека од поодамна се консултирале со поранешни уставни судии кои дале зелено светло да се направи исклучок и за одредени проекти работната недела да се зголеми. За него не е спорно работниците да работат и во недела и со леснотија кажа дека ако не сакаат наши ќе работат странци, иако според закон, повеќе од половина од изведувачите треба да бидат домашни.
Од друга страна, Груби и владините колеги, Бочварски и Бектеши, а и од надзорот на проектот, тврдеа дека не можат да кажат колку пари ќе плати Македонија ако не го смени пакетот-закони на време бидејќи било класифицирано. Јавноста за сега не знае ниту какви сè обврски преземала државата и што ако Коридор 8 не биде завршен во дадениот рок од 4 години и 7 месеци.
Ништо спорно во 60 работни часа и работна недела не гледа ниту министерката за труд која во безброј јавни настапи се фалеше со „недела неработен ден“. За неа е во ред работникот да нема ниту одмор, оти градежништвото било специфична гранка.





