Договори штетен договор со Бугарија, сега го обвинува Ковачевски за лажно пропагандно јунаштво

Поранешниот шеф на македонската дипломатија и вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров кој без никаква анализа го прифати договорот за добрососедство со Бугарија во 2017 година сега се оградува од својата улога во катастрофата со Бугарија сега вели дека Македонија треба да утврди државни позиции за патот кон ЕУ.



Во разговор со Дојче Веле Димитров кој молчеше на оваа тема додека беше министер и вицепремиер а кој е потписник на Преспанскиот договор сега бара гаранции за македонскиот идентитет од Брисел.

Додека ВМРО-ДПМНЕ ги побара истите гаранции Димитров исто така молчеше.

,,Бугарската негација на македонскиот јазик, како одговор треба да добие европски официјални декларации од другите членки на ЕУ дека тој е дел од лингвистичкото богатство на Европа”, вели Димитров за ДВ.

Ќе заличиме навистина на сериозна држава ако најдеме сили и зрелост, низ широк процес на вистинска демократска дебата, да формулираме државни позиции за патот напред, вели тој во разговорот посочувајќи го тоа како нужност за излез од актуелната „каша“ во која се наоѓаат македонско-бугарските односи.

Димитров засега не успева да формира политичка партија а од неодамна е претседател на невладината тинк-тенк организација „Балкански центар за конструктивни политики- Солуција”, посветена на важноста од справување со корупцијата, клиентелизмот и поларизацијата на општеството, унапредување на општествената дебата и културата на дијалог, за конструктивни решенија во сите сфери на општеството.

ДВ со Димитров разговара и за последните промени во „тонот“ на Скопје кон Софија и изјавата на премиерот кој ја нападна Софија за своето однесување споредувајќи ја со Русија.

,,Изјавата на премиерот Ковачевски во Рејкјавик во однос на сличноста на бугарскиот наратив кон Македонците со рускиот за Украинците е валидна, но задоцнета и контрадикторна со политиката на постојано одоброволување на Бугарија во услови на отворено непочитување на нашето право на самоопределување и негирање од нивна страна. Велам задоцнета, затоа што кога официјална Софија депонираше писмена негација на македонскиот јазик среде Брисел, Владата овде не само што глумеше пријателство, туку беше и соучесник во рушењето на македонските позиции, прифаќајќи сите алатки што ги бараше Бугарија за реализација на својата антиевропска амбиција на негирање на македонскиот идентитет да бидат дел од пристапниот процес со ЕУ. Да беше вистинско ова задоцнето соочување со реалноста, Владата ќе престанеше слепо да ги турка амандманите, ќе се извинеше за својата лекомисленост и ќе побараше помош од граѓанскиот сектор, експертската јавност и опозицијата, заедно да се најде излез од кашата. Без тоа, „јунаштвото” на премиерот е само некаков емотивен излив или уште полошо, празна предизборна реторика.

Од одговорот, пак, на претседателот Радев и иницијативата за нова декларација во бугарското собрание, јасно се гледа непроменетата реалност. Спорот не само што не е решен туку е дополнително искомплициран. Негирањето на македонскиот јазик и идентитет, инаку класичен говор на омраза, поврзано со инсистирањето дека Бугарите во Македонија не се малцинство и покрај пописот, соголува непријателска стратегија на историски ревизионизам. Софија е охрабрена со таканаречениот француски предлог и се лути кога ние се однесуваме како суверена држава. Уставните амандмани се првата пречка, но зад неа чекаат и многу други, вклучувајќи ги очекувањата на бугарската политика од историчарите во Комисијата. Атмосферата е погубна за македонско-бугарското пријателство, што подразбира меѓусебно елементарно почитување, но и за европскиот наратив кај нас бидејќи е сведен на навредливи уцени”, вели Димитров.

Димитар има свој одговорот и на прашањето: Каков треба да биде пристапот кон уставните измени ако навистина нема поддршка од двотретинско мнозинство, а да се избегне репризирање на старите „начини“, кои едно градат но друго разградуваат, пред сѐ на внатрешен план?

,,Уставните амандмани се во рацете на двотретинско мнозинство во Собранието и би било крајно неодговорно, да не кажам нешто погрубо, ако тоа не се искористи за барем да ги закрпиме дупките на европскиот пат што се гледаат со голо око. Ќе заличиме навистина на сериозна држава ако најдеме сили и зрелост, низ широк процес на вистинска демократска дебата, да формулираме државни позиции за патот напред. Ќе наведам само неколку примери.

Прво, бугарската негација на македонскиот јазик депонирана во контекст на нашата прва меѓувладина конференција во јули 2022 година, треба да добие европски одговор во форма на афирмативни официјални декларации на другите земји членки на ЕУ дека македонскиот јазик е дел од лингвистичкото богатство на Европа и дека по зачленувањето ќе биде еден од официјални јазици на ЕУ. Второ, влегувањето во сила на уставните амандмани да се услови со бугарско прифаќање на нешто што е неспорно во 21. век – правото на самоопределување и самоизјаснување на македонскиот народ, или со зачленувањето во Унијата. Трето, Софија бараше и успеа историските прашања од билатерални да станат дел од пристапниот процес со ЕУ, но форматот на Комисијата остана билатерален. Во Комисијата затоа мора да има и европски олеснувач со искуство од која било од историските комисии меѓу други европски држави. Едноставно е, по изневереното ветување од страна на ЕУ врзано со Преспанскиот договор, немаме луксуз да нѐ бидеме претпазливи и искрени со македонските граѓани”, вели Димитров.

Целото интервју на овој линк

https://www.dw.com/mk/nikola-dimitrov-izjavata-na-kovacevski-e-validna-no-zadocneta-i-kontradiktorna/a-65694275?maca=mk-Facebook-sharing