Договор за името (сé уште) неостварлив

Министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе се сретенат уште два пати во наредните 20 дена – во Солун на 3 и 4 мај, на маргините на самитот меѓу Грција, Албанија, Македонија и Бугарија, и на 11 и 12 мај на Самитот ЕУ-Западен Балкан посветен на европските перспективи на регионот.



„Со клучните прашања сé уште нерешени, посредникот на Обединетите нации, Метју Нимиц, вчера ја истакна потребата за интензивирани разговори во текот на следните неколку недели помеѓу Грција и Поранешната Југословенска Република Македонија (ФИРОМ), со цел конечно да се реши спорот за името што ги подели двете земји повеќе од 25 години“, пишува „Катимерини“.

Весникот, по вчерашната средба во Виена констатира дека и покрај позитивната клима, останува барањето на Грција името што ќе го користи Скопје како дел од договорот, да биде erga omnes – што значи дека ќе се користи дома и на меѓународно ниво – „а БЈРМ одбива да го промени својот устав, барем во оваа фаза“.

Да потсетима, по претходбната средба во Виена министерот Никола Димитров изјави дека на површина излегуваат потешките прашања.

„Има условен напредок во преговорите, бидејќи  како одиме напред  доаѓаме до потешките прашања. И од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување, и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за едната страна и за другата страна и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа не зачудува што колку отворено и поконкретно чекориме кон решение така и тешкотиите излегуваат се повеќе на виделина“, изјави на 30 март шефот на македонската дипломатија.