Српскиот член на колективното босанско претседателство Милорад Додик одново се закани со отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина.
На излегување од болница, каде што 16 дена беше лекуван од Ковид-19, Додик пред новинарите рече дека е против именувањето нов специјален претставник на меѓународната заедница за БиХ.
„Република Српска е против специјален претставник, кој и да е тој. Ако нè прашувате нас, воопшто да не доаѓа“, порача тој.
Лидерот на босанските Срби изјави дека очекувањата новата американска администрација на Џо Бајден да се ангажира порешително за средување на хаотичната ситуација во БиХ се целосно неосновани.
Според Додик, ова е совршен момент Бајден, кој од 1992 до 1995 година се залагаше за зачувување на Босна и Херцеговина, да сфати дека всушност требало да се дозволи државата да се подели и од неа да се создадат три одделни држави.
„Доаѓа времето за таква одлука“, уверен е тој, додавајќи дека е сигурен оти Босна и Херцеговина ќе исчезне, а Република Српска ќе стане држава.
Тој изјави и дека етничката поделба во БиХ е конечна и тој нема што да бара во Сараево, како и дека луѓе како лидерот на Странката за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, нема што да бараат во Бања Лука.
„Бања Лука е српски град, што и да зборуваат другите“, рече Додик.






