„Серверите на Дигиталниот речник на македонскиот јазик се нападнати“, напиша деновиве креаторот на сајтот кој, според корисниците, има голем придонес за зачувување и популаризација на македонскиот јазик. За македонистите, пак, македонскиот јазик е факт, а секаков напад и негово бришење е бришење на идентитетскиот белег на македонскиот народ…, објави весникот Вечер.
Дигиталниот речник на македонскиот јазик, алатка која според огромен број на негови корисници во Македонија и пошироко има голем придонес за зачувување и популаризација на нашиот литературен јазик и правопис, деновиве беше хакиран и е надвор од употреба. За многумина е интересен фактот што нападот се случи токму во пресрет на Самитот на Западен Балкан во Софија во рамките на Берлинскиот процес, а на кој меѓу другото требаше да биде испеглан и спорот меѓу Македонија и Бугарија за македонскиот јазик, кој за бугарската страна е главниот камен на сопнување и пречка за прием на нашата држава во ЕУ.
Објавата, пак, за хакирање на сајтот осамна на социјалните мрежи токму од Шинаси Деребеј, информатичар по потекло од Македонија, сопственик на компанија со седиште во Берлин, кој го создаде Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Неговиот потег да го дигитализира македонскиот правопис и тој бесплатно да биде достапен за сите, ја воодушеви јавноста во државата. Иако официјална потврда од креаторите на платформата за тоа кој и зошто го нападнал сајтот, вчера до затворањето на весникот, немаше, ниту, пак, пријава во секторот за компјутерски криминал при МВР, сепак останува горчливиот вкус на постојани напади на сè што е македонско.
Повеќе на Вечер





