Дочински не стана европратеник, но порача дека битката тукушто започна

Македонецот од Словенија, Андреј Дочински, не е разочаран што тој и Словенечка национална странка (СНС) не освоија место во Европски парламент на вчерашните избори.



„Пред сè, би сакал да изразам неизмерна благодарност за несебичната поддршка и доверба која ми ја укажавте како кандидат за столче во Европски парламент. Партијата СНС на чија листа бев и јас, за жал, не успеа да обезбеди доволно гласови и нивно учество во Европски парламент.

Од сите вас изминатиов период за време на кампањата добивав многу пораки со поддршка, со мотивација за истрајност и за тоа сум ви
благодарен од срце на сите!

Не се чувствувам поразен, напротив, се чувствувам само повеќе мотивиран за идни предизвици.

Воедно, битката не завршува тука. Тукушто започна“, порача на македонски на преку својот профил на Фејсбук претседателот на Синдикатот за здравство на Словенија.

„Не успеавме, но за тоталниот трошок на мојата кампања од 0 евра воопшто не е лошо. Со оглед на преферирањето на некои други партии од страна на медиумите, поинаку не ни можеше да биде“, напиша тој на словенечки.

Дочински беше петти на листата на партијата на Змаго Јелинчич на изборите за осум европратеника, колку што ѝ следуваат на Словенија од вкупно 751 место во Европски парламент.

СНС освои 18.957 гласови или 4,01 проценти.