Македонскиот активист од Словенија, Андреј Дочински, јавно ја праша словенечката европратеничка од македонско потекло Ирена Јовева зошто им молчи на колегите од Бугарија во Европскиот парламент додека ги негираат и навредуваат Македонија и македонскиот народ.
„Читам дека бугарските пратеници во ЕУ-парламентот постојано ги понижуваат и ги негираат македонскиот народ, македонскиот јазик… а во суштина, едноставно, ги промовираат националистичките аспирации на актуелната бугарска Влада.
Сите знаеме дека со исклучителна помош од македонската национална заедница што живее во Република Словенија во Европскиот парламент беше избрана и Ирена Јовева, госпоѓа што во едно од интервјуата јавно се изјасни како Македонка. Дека пред изборите јавно ја промовираа и познати и ‘важни’ македонски личности во Словенија исто така не е тајна.
Можеби грешам, но досега не сум забележал ниту една нејзина реакција во Европскиот парламент против бугарските пратеници, ниту една јавна реплика со која можеби, ако ништо друго, би им укажала за сиот бугарски национализам и со тоа да се стави во одбрана на Македонија од бранот неправедни и неосновани напади против неа. Така ли е?
Да нема забуна, не обвинувам никого за ништо. Секој си знае најдобро за себе. И ако може со тоа ‘мирно да спие’, тогаш тоа од срце му го посакувам. Но, прашањето е, секако, што гледа во огледало…“, на Фејсбук коментира Дочински, кој на ланските европски избори беше кандидат за европратеник на Словенечката национална странка (СНС) на Змаго Јелинчич.
„Како што напишав, јас лично немам ништо против Ирена Јовева, но ми се чини невообичаено, благо речено, дека на сите напади врз Македонија и сè што е македонско таа не го крева својот глас во најмала рака, или барем да застане во одбрана на Македонците. И да, на крајот, јас и сите оние што го бранат правото на постоење на македонскиот народ и идентитет ќе бидеме етикетирани како националисти, а Бугарите и нивните македонски штитеници ќе бидат демократи. Жално“, додава македонскиот активист во дебатата под постот.






