Делегацијата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), предводена од архиепископот Стефан, беше срдечно пречекана во Белград од врвот на Српската православна црква (СПЦ) на чело со патријархот Порфириј.



„Како што ѕвонат ѕвоната на Светосавскиот храм, така и нашите срца бијат од радост поради овој благословен ден. Добредојдовте драги браќа! Добредојде брате архиепископе Стефан и владици. Добредојдовте во заедницата на љубовта, вие и целиот Ваш богољубив народ. Браќа сме и само браќа!“, објави Порфириј на својот налог на Инстаграм покрај видеото од дочекот: https://www.instagram.com/tv/Cdth_xfDaPH/

Покрај архиепископот Стефан, делегацијата на МПЦ-ОА ја сочинуваат и митрополитите Петар, Тимотеј и Климент, архимандритот Нектариј од манастирот Свети Наум и архимандритот Агатон од манастирот Свети Пантелејмон.

Поглаварите на двете цркви утрово во 9 часот ќе сослужат света архиерејска литургија во Соборниот храм „Свети Сава“ на Врачар, со што ќе се воспостави литургиско и канонско општење на двете сестрински цркви.