Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, потпишаа спогодба која предвидува зголемување на платите на вработените во основните и средните училишта за 15%, почнувајќи од тековниот месец септември.
„Чест ми е што токму во време на мојот мандат како министер за образование и наука во 2022 и 2023, практично во период од само една година, платите на наставниците се зголемени во три наврати, односно кумулативно за над 35%. Ова е само потврда дека навистина имаме намера да го вратиме дигнитетот и достоинството на наставниците кое го заслужуваат во општеството, затоа што се најважната алка во воспитно – образовниот процес од која зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат и без која ниту една реформа не може да успее, рече Шаќири.
Задоволство изрази и претседателот на СОНК, Неделков, кој посочи дека само со мотивирани наставници може да градиме добра иднина за државата.




