Кој е виновен што членовите на семејството Ребац со години не можат да влезат во сопствената куќа, во која го вложиле својот живот: Лошите закони, корупцијата или лошата среќа?

*ЗАРОБЕНИТЕ ПАРЦЕЛИ СЕ СО ЦРВЕНА БОЈА, СО ЖОЛТА Е ОДБЕЛЕЖАН ПАТОТ СПОРЕД ДУП СО ПРИСТАПНИ ПАТЕКИ КАДЕ НИКНУВААТ ДИВОГРАДБИ ЗА ВРЕМЕ НА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈАТА
Во скопската населба Жданец, на потегот кон Нерези, постојат заробени градежни парцели до кои не може да се стигне ниту пеш. Едноставно тие се затворени со оградите на соседните куќи и плацеви и до нив нема пристапен пат.
Сопствениците на една од овие парцели, за да дојдат до својот дом мораат буквално да прескокнуваат преку туѓи огради.

Кој е тој што надвор од законите и од сите правила на урбаното живеење го заробил овој приватен имот?
Сопствениците на парцелите повеќе пати се обраќаат до општина Карпош, но општината не им нуди конкретно решение. Не им дава ниту одговор зошто до сега не е реализиран ДУП-от со пристапните улици за овие шест катастарски парцели.
Заробениот дом е изграден согласно ДУП, со дозвола за градба издадена од општина Карпош во 2017 година. Општината ги земала парите за комуналии, но не изградилa пат.
Патот од јавен интерес требало да биде направен уште во 2017 година. За да стигнете до локацијата каде што семејството Ребац имаат изградено куќа во која не може да си влезат бидејќи нема јавен пат, ќе треба да поминете по Ул. „Теодосиј Синаитски“, точно покрај куќата на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.
На околу 150 метри од хациендата на таткото на општината, се наоѓа заробената семејна куќа на семејството Ребац.

Градоначалникот Стевчо Јакимовске е сосед со сопствениците на заробената куќа, но тие, за разлика од него не можат да си влезат дома?!
Општината Карпош издала дозвола за градба според условите кои се предвидени со ДУП-от кој е на сила од 2008 година. Иако со договорот за платени комуналии општината се обврзала да отвори пат кој е од јавен интерес, сепак до реализација никогаш не дошло.
Од 2017 до 2019 година семејството прави обиди да добие пат и писмено се обраќа до градоначалникот со барање за ургентно отварање на алтернативен пат, по кој непречено ќе се движат со тешката механизација до нивната градежна парцела. Но, објаснуваат тие, биле оставени сами на себе, да се снаоѓаат како знаат и умеат за да пристапат до градежната парцела, инаку сега веќе готова семејна куќа.
Во ноември 2020 година општината ги известува жителите дека ќе отпочне експропријација. Со експропријацијата на приватното земјиште од четири парцели требало да се оформи новиот пат по кој ќе пристапуваат жителите на шест парцели. Сите се сложиле освен еден сопственик кој, како што велат од општината, „не сакал да му поминува патЀ“. По неколку месеци, наместо да се заврши процесот на изградба на пат за жителите на оваа населба, одговорните во општината им кажуваат дека постапката за експропријација ќе биде прекината. А оправдувањето на општината дека била законски спречена да продолжи со експропријација воопшто не држи, тврди семејството Ребац.
Во Ноември 2021 година, само неколку денови откако доаѓа на чело на општината Карпош, Стевчо Јакимовски со решение ќе ја стопира експропријација на пат од јавен интерес. Интерес, како што вели општината, за овој пат нема затоа што еден од соседите не се согласува. Тој во меѓувреме си изградил бетонска ограда, летниковец, бунар и сега ќе требало останатите жители да почекаат да се даде на изработка нов предлог за ДУП.
Граѓаните кои не можат да си влезат дома не знаат каде повеќе да се обратат. Во текот на неколку години додека граделе, соседите им дозволувале преку нивните ниви да пристапуваат до градежната парцела, но од пред два месеци сосема им се затворени пристапните патеки по кои се движеле до куќата. Соседите едноставно повеќе не се согласуваат семејството Ребац да поминува преку нивната КП каде во моментов има лозје. Бидеќи на овој потег постои ДУП, тие проблемот го гледаат
во општината.

„Го прашавме градоначалникот на Карпош, зошто 15 години не се реализира ДУП-от на овој потег Жданец-Нерези, дали знае дека има целосно затворени и непристапни градежни парцели и семејна куќа на само стотина метри од неговиот дом. И во случај да нема вода за пиење не смее да изгради бунар на два метра од оградата на соседот. Бунарот мора да биде изграден најмалку на 5 метри за да не направи свлечиште и да се оштети плацот на соседот“, цитираат сопствениците законски решенија.
Сопствениците на заробената куќа преку преписки со општината со години наназад се обидувале да го добијат зацртаниот пат и да го остварат своето законско право, но попусто.
Надлежните од општината покажуваат игнорантски однос кон нивниот проблем. Во периодот од 2021 -2023 година им одговараат исклучиво усмено. Најчестиот одговор е дека ќе треба да почекаат додека се отвори пат по нов ДУП, за кој, неофицијално дознаваме, дека паднал на Уставен Суд пред неколку години, додека новиот предлог за ДУП се уште не е ниту во подготовка.
За овие прашања Expres.mk побара официјална информација од општина Карпош. За случајот „Заробен дом“, оттаму одговорија:
„По издадено одобрение за градење на семејство Ребац, во 2020 година пристапено е кон отпочнување на постапка за експропријација за пристап до нивната градежна парцела преку улица Новопланирана 4 согласно важечки ДУП во тоа време. Во текот на постапката прибавена е документација и излезено е на увид на лице место, за што е изготвен записник и предлогот за експропријација е доставен до министерство за финансии како надлежна институција за водење на овој тип на постапка. Согласно изготвениот геодетски елаборат за нумерички податоци каде како засегнати страни се јавуваат повеќе лица, на закажано сослушување во министерството за финансии едната страна го прифаќа предлогот за експропријација и определениот надомест, додека другата страна не го прифаќа предлогот. Во меѓувреме истиот поднесува и нови докази до министерството дека на посочената локација има бунар од кој се снабдува со вода. Од тие причини постапката за експропријација се уште не е завршена во министерството за финансии, а за жал согласно постоечкиот закон за експропријација не може да се заврши предметот без согласност на сопственикот. Од причина што не може да се изврши предметната експропријација, не може да се реализира ниту патот предвиден во ДУП-от.
Со оглед на тоа дека подолг период не може да се изврши предметната експропријација од наша страна се бара алтернативно решение. Тоа значи пристап до предметната градежна парцела преку друг пат кој е вцртан во новиот ДУП“.
Искра и Денијел со аргументи и документи се спротивставуваат на ставовите за нивниот случај изнесени од градоначалникот Јакимовски на седница на општинскиот совет на Карпош.
ПРЕД ОЧИТЕ НА ОПШТИНАРИТЕ И НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НИКНУВА ДИВОГРАДБА ЗА ВРЕМЕ НА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА
„Стевчо Јакимовски секое утро го шета кучето по улицата Теодосиј Синаитски. Тој гледа дека пред него никнува дивоградба. Што е тоа ако не е корупција и злоупотреба на службена положба? Нас со дозвола при постоечки ДУП и платени комуналии ни вели причекајте, сега нема улица. Се изнамачивме додека ја градевме куќата. И градоначалникот гледаше каде ни го истовараа песокот и другите градежни материјали. Студено ќе не погледнеше и како покрај гробишта поминуваше. Без збор. Моравме да плаќаме тројно, бидејќи на раце се носеа тешките материјали за градба. Кога требаше миксер за бетонирање да влезе до градежната парцела моравме еден ден претходно да му јавиме на соседот да дојде да ги отвори железните порти, а веќе утредента наидувавме на катанци. Затворено. Повторно молење за да донесеме фасада, па следниот месец молење да влезат други мајстори и така пет години. Се уморивме, се чувствуваме посрамени, излажани, изманипулирани. Соседите почнаа со чудни очи да не гледаат бидејќи не им беше јасно зошто трпиме ваков притисок. Искрено и не знам зошто врз нас се врши притисок, веројатно да се откажеме и да ставиме клуч на куќата. Неколку пати по писмен пат се обративме и ние и другите комшии на кои им треба пристапен пат до секторот за Урбанизам и до градоначалникот Стевчо Јакимовски, секогаш одговорот е ист: „стрпете се, ќе правиме нов ДУП”.
Исто така се обративме по писмен пат и до градежната инспекција и Секторот за експропријација за да прашаме зошто не постапуваат по нашите пријави дека на патот за кој има елаборат и веќе отпочната е експропријација, се одвиваат градежни работи? Преку ноќ никнаа дивоградби, бетонско цокле со кована ограда, приватна улица од бехатон плочки, летниковец – велат разочараните сопственици на „Заробениот дом“.

СПОРЕД ДУП НАМЕСТО УЛИЦА НИКНАЛА ДИВОГРАДБА
Во летниот период 2021 година никна и канистер со вода кој е закопан во земјата. Од општината ни кажуваат дека тука е изграден бунар, така ни кажа и градоначалникот. Бунарот е изграден до самата ограда, на два метри од соседниот плац. Ние сме немоќни, навистина ова се случува во урбанизирана населба и наместо општината да ги урива дивите градби таа ги поддржува. Постои сомнеж дека се работи за корупција. Побрзо ќе легализиравме дивоградба отколку вака, ги теравме сите процедури кои ги побарува Законот за градба. Општината на дивоградбите им дава предност. Ние ги имаме сите можни проекти и дозволи, но за жал приоритет општината дава на незаконски изградени објекти – се жали Искра Ребац.
Откако соседите кои го очекувале патот пријавиле во градежната инспекција, овластена градежена инспекторка на Општината Карпош излегла на лице место. Инспекторката констатирала дивоградба и издала Решение за уривање, но сепак до рушење не дошло заради тоа што Решението било обжалено и паднало на Второстепена комисија, им рекле од општината на сопствениците. Тие се уверени дека документите за оваа постапка каде што општина Карпош требало да го обжали решението на Второстепена комисија завршиле во нечија фиока.
„Ако воопшто постои вакво решение кое паднало на второстепената комисија, ние не сме го виделе, никој не не информирал. Општината требало да го обжали ваквото решение заради реализација на пат од јавен интерес и не било според закон да се прекине постапката заекспропријација“.
ДВЕ ГОДИНИ ЧЕКААТ СУДСКА ОДЛУКА ЗА СЛУЖБЕН ПРЕМИН ДО СВОЈОТ ИМОТ А ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЗНАЕ ОДНАПРЕД КАКВА ЌЕ БИДЕ СУДСКАТА ОДЛУКА
„Постојат многу нелогичности, меѓу другото на сметките за струја имаме трошок кој не е реален, плаќаме и улично осветлување. Немаме пат, немаме улично осветлување. Имаме само проблеми. Нашите комшии, други три фамилии се уште не отпочнуваат градба бидејќи се плашат дека истото ќе ги снајде. Во меѓувреме некои добри комшии, кои гледаат дека сме целосно обесправени во периодов од 6 години, од жал за состојбата во која се наоѓаме ни дозволуваа да преминуваме, ама повеќе и тие не не пуштаат и ни велат да си го бараме чарето. Ние чарето се обидовме да го побараме преку суд. Имено, пред безмалку две години побаравме службен премин преку Граѓански Суд, со вештачење на патот кој според ДУП ни припаѓа и други документи за платени комуналии. Најинтересно од се е што постапката трае речиси две години и се уште на судијката око не и трепнува што ние не можеме дома да си влеземе, се уште не го решава предметот. Стевчо Јакимовски на 29-та седница на општина Карпош за што има и видео запис, јавно на советниците им раскажа дека ние го губиме случајот за службен премин во судски спор. Многу ме интересита како Стевчо знае каква ќе биде судската одлука пред да ја добиеме. Кој му кажа на Стевчо дека ние и преку Суд нема да добиеме службен пат и ќе изгубиме? Дали општината и одредени моќници кои живеат во населбата организирано вршат контрола кој ќе може да живее, а кој нема да може да живее тука и ќе мора да го продаде својот имот. Се сомневаме дека се работи за корупција и во двата случаи. Немаме можност да го оствариме нашето право пред општината Карпош и пред Судот. Друг, алтеранативен пат, по кој можеме да се движиме до дома, за сега немаме. Патот треба да е најмалку 3 метра широк да може да помине возило за прва помош и противпожарно возило – коментираат несудените станари на „Заробениот дом“.
– Дива градба е полесно да легализираш отколку легално да изградиш куќа со сите дозволи. Многу лош пример им даваме на идните генерации, ќе мислат дека НЕ ЛЕГАЛНИОТ ПАТ да реализираш нешто овде кај нас Е ПОЛЕСНИОТ ПАТ. Каков живот тоа ни нуди градоначалникот, измачување! каква порака им испраќаме на младите генерации, градевме со дозвола и сега чекаме да не пушти градоначалникот да си влеземе дома? Изгледа имаме локален шериф, дојде живот во општина Карпош! Можам да заклучам дека општината е криминогена, развила криминален систем во кој сите се вклопуваат. Оние кои тераат според закон системот ги отфрла. Полесно е дивоградба да легализираш отколку да пристапиш до сопствениот дом за кој имаш платено комуналии и имаш проект за градба согласно ДУП. Во оваа земја граѓаните не можат да ги остварат своите загарантирани со закон права пред институциите – резигнирано вели Искра Ребац.
Со овој текст, Експрес.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.








