До мурал за одредот „Даме Груев“, Фелингер ја отфрла „пропагандата“ на партизаните дека го ослободиле Балканот?!

Контроверзниот австриски економист и лобист за интеграција на земјите од (југо)источна Европа во НАТО и во ЕУ, Гинтер Фелингер, со уште една провокативна објава на Твитер.



„Ја отфрлам југословенската партизанска пропагандна митологија за нивното успешно ослободување на Балканот! Без поддршка од САД и од Обединетото Кралство, партизаните ќе беа целосно поразени и време е да им се каже благодарам на САД и на ОК за ослободувањето на Балканот од нацистичката моќ“, напиша Фелингер на Твитер.

Тој го илустрира твитот со сопствена фотографија покрај мурал за македонскиот партизански одред „Даме Груев“, и тоа на 82-годишнината од бомбардирањето на Скопје од германското „Луфтвафе“, при што загинаа стотина луѓе, а беа урнати и десетици згради и друга инфраструктура!

Австриецот, кој ѝ сугерираше на Македонија да не ги слави како државни празници 11 и 23 Октомври како „многу провокативни за Бугарија“ и „не многу мудар наратив за една потенцијална современа членка на ЕУ“, неодамна го навлече гневот и на Србите. Нив ги советуваше да го отстранат споменикот во Белград на тригодишната Милица Ракиќ, посветен на сите загинати деца од Србија за време на бомбардирањето од НАТО во 1999 година.