До кога Ахмети ќе го користи вицепремиерскиот кабинет на Груби за партиски потреби, до кога двајцата ќе ги злоупотребуваат државните ресурси?

Дали лидерот на ДУИ Али Ахмети веќе си го претворил вицепремиерскиот кабинет на Артан Груби, кој се плаќа од пари на државниот буџет на Македонија, во свој официјален партиски кабинет? Или можеби таму го префрлил и целото седиште на неговата Демократска унија за интеграција?



Овие прашања ги покренува самиот Ахмети со своето однесување, откако и денеска оствари партиска средба со амбасадорот на Чешката република Јарослав Лудва во државниот вицепремиерски кабинет, за да позбореле за „уставните промени, евроинтегрирањето и ситуацијата во регионот“. Како и сите други европски емисари и државници од ЕУ, така и чешкиот амбасадор повторил дека и неговата земја „постојано ја поддржувала нашата земја и ја охрабрувала да ги направи колку е можно побргу уставните промени“’.

Но, целта на овој осврт не се промените на Уставот и внесувањето на Бугарите во него, кое ќе се случи секако во 2223 година, туку ароганцијата, која ја пројавуваат и Ахмети и неговиот „пулен“ Артан Груби со ваквите злоупотреби.

Само пред три дена ТВ Алсат објави: Повторно во кабинетот на вицепремиерот Артан Груби лидерот на ДУИ Али Ахмети се сретна со Ричард Гренел, поранешниот пратеник на поранешниот американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија. Претходно, вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска упати предупредување до Груби, но без ефект.

„Беа преземени активности, за да се утврди дали има прекршувања на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и јавните службеници, назначени или избрани од Владата. Потврдено е дека Етичкиот кодекс е прекршен, за што Груби е предупреден.“ – изјавила Грковска.

Антикорупциската комисија постојано констатира дека Артан Груби ги користи службените простории на министерството за партиски состаноци. Али Ахмети и Артан Груби се должни да ѝ одговорат јавноста, но во еднаква мера и на државната Антикорупциска комисија на прашањето: до кога ќе ги злоупотребуваат државните ресурси за целите и потребите на нивната партија ДУИ?