Министерството за труд и социјална политика ќе функционира без министер до парламентарните избори на 12 април, откако ВМРО-ДПМНЕ до синоќешното распуштање на Собранието не даде нов предлог како алтернатива за разрешената Рашела Мизрахи.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференцијата по распуштање на парламентот рече дека се одлучиле на таков чекор затоа што, како што рече, опозицијата не сака да учествува во игрите на Зоран Заев и Оливер Спасовски.
„Тоа беше една процедура во којашто слугата на Заев, Оливер Спасовски, на начин на којшто ги прекрши сите закони и политички договори, се обиде да го затскрие моментот кога јавноста, а и пратениците слушаа како всушност Зоран Заев го советувал Бојан Јовановски, како објаснува дека знаел за делувањето на Меѓународнот сојуз и ја помагал работата на телевизијата. Сетоа тоа се обиде да го сокрие со смената на најдобриот министер во владата Рашела Мизрахи. Ние тој чин не го признаваме и немаме намера да бидеме дел од оваа игра на којашто основен сценарист е Зоран Заев, а извршител Спасовски. “ изјави Мицкоски.






