До бугарско државјанство и со натурализација, но со познавање на бугарскиот јазик

Бугарските пратеници без расправа ги разгледаа и на прво гласање ги усвоија Предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за бугарско државјанство. Предлагачи се Костадин Костадинов и група народни претставници, Николај Алгафари и група народни претставници и Радомир Чолаков и група народни претставници.



Со предлог-законот на лидерот на „Вазраждане“ Костадин Костадинов и група народни претставници се предлага да се воведе услов за чисто судско досие на кандидатот за бугарско државјанство не само во Република Бугарија, туку и во неговата земја на потекло, односно во земјата на живеење.

Се предлага да се скрати периодот за поднесување документи за ослободување од друго државјанство, како и да се унифицираат условите за стекнување бугарско државјанство при брак со бугарски државјанин, со воведување на услов за тригодишен период на вонбрачна заедница но кој нема да биде применлив доколку се покаже дека бракот е фиктивен, – во таков случај бугарското државјанство ќе биде одземено, објави Њуз.бг.

Предвидено е при поднесување барање за бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло, да се отфрли условот дека предок (на апликантот н.з.) починал како бугарски државјанин.

Познавањето на бугарскиот јазик се воведува како задолжителен услов за сите случаи на натурализација и се наведува можноста за добивање бугарско државјанство во случај на интерес во Република Бугарија или кога лицето има посебни заслуги кон тоа.

Предлог-законот на пратеникот на ГЕРБ-СДС Николај Алгафари и група народни претставници отвора можност за стекнување бугарско државјанство со натурализација, кога лицето поднело барање за ослободување од претходното државјанство…

Планирано е лицата кои се стекнале со бугарско државјанство да ги добијат уверенијата на посебна официјална церемонија според предлог-законот на Радомир Чолаков и група народни претставници.