На списокот на жртви од пожарот во Мати, Атика, денес беше додадено уште едно име – 85 годишен маж кој бил хоспитализиран во одделот за интензивна нега почина, со што бројот на смртните случаи се зголеми на 90.



Вчера, почина 55 годишна жена која исто така беше хоспитализирана со изгореници.

Ден претходно, во петокот  почина  и мајка на 6 месечно бебе, кое исто така беше жртва на катастрофалните пожари од 23 јули.

Грчки медиуми јавуваат дека две од жртвите се уште не се идентификувани.

Грчката опозициска Неа Демократија, не е задоволна само од оставката на министерот за јавен ред Никос Тоскас зашто тоа било „малку и задоцнето“.

Весникот „То Вима“ пишува дека јавноста веќе не му е наклонета на премиерот Алексис Ципрас, на кого досега му ги простувала грешките.

„Многумина веруваат дека политичката хегемонија на г. Ципрас е изгубена во пепелта на големиот пожар и дека тој веќе нема сили или можност да ја реорганизира својата партија и влада(…)
Сега, единствениот пат за земјата е политичката промена.

Единствената должност на спорниот и неспособниот премиер е да одржи избори.

Ништо друго“, пишува „То вима“ во денешниот коментар