На предлог на Министерството за економија Владата на денешната седница донесе одлука да се продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи и истата да се применува до 30 јуни 2023 година.

Владата го продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи, во кои е вклучено и маслото за јадење. Мерката ќе се применува до 30 јуни 2023 година, а профитната маржа на сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврдува во висина до 5 отсто во трговијата на големо и до 5 отсто во трговијата на мало. Истиот процент на профитна маржа се определува на белиот леб и белиот шеќер. Слична мерка Владата донесе и минатата година во јуни.

Највисоката трговска маржа за брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт се утврдува во висина до 10 отсто во трговијата на големо и до 10 отсто во трговијата на мало.
Според Владата, состојбата на пазарот укажува дека цените се уште не се стабилизирани, со што рокот на мерката се продолжува за следните два месеци од оваа година, односно од 30 април до 30 јуни 2023 година.





