Продавачите на стари книги и други антикварни предмети кои ги користат дрвените куќички на Кејот „13 ноември“ добиле наредба од Градот Скопје да се иселат, заедно со своите залихи, најдоцна до 21 април.
Според изјавите на упатените лица кои сакаа да останат анонимни, градот на овие лица, од кои дел се претставници на социјално ранливи категории, не им понудил алтернатива за постојните продавнички. Не им било објаснето ни која е причината за прекин на користењето на куќичките.
Од Градот Скопје за Мета.мк потврдуваат дека корисниците на дрвените куќички се веќе известени дека во рок од 15 дена треба да ги ослободат куќичките од предметите кои се во нивна сопственост и да ги предадат на Градот Скопје во состојба во којашто ги примиле според Записникот.







