Антикорупциска утврдила злоупотребување на државни ресурси, откако лидерот на ДУИ Ахмети во средата беше домаќин на грчката амбасадорка Софија Филипиду во кабинетот на Груби, односно во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а за состанокот извести партијата преку соопштение.
„Сепак, официјалните простории, службените простории на институциите не треба да се користат за одржување на партиски состаноци“, рече Катица Николовска – член на ДКСК.
Од Антикорупциската комисија велат дека тие нема да бидат иницијаторите за покренување мерка против првиот вицепремиер Артан Груби. Но, нареднава недела за тоа ќе ја известат вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, бидејќи таа е надлежна за прекршувањето на Етичкиот кодекс на избрани и именувани лица и очекуваат да постапи по нивниот предлог.
Фејсбук профилот на Ахмети изобилува со фотографии од средби во оваа канцеларија, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, евроамбасадорот Дејвид Гир, поранешната шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, па дури и со пејачот Илир Шаќири. Од ДУИ нема одговор на прашањата на Алсат зошто кабинетот во Министерството за политички систем се користи за партиски цели. Ниту од Министерството не одговараат зошто нивните простории се отстапуваат за партиски средби, иако станува збор за државна институција, пишува Алсат.





