Државната комисија за спречување на корупција на денешната 32 седница одлучи да покрене иницијатива за утврдување на одговорност на министерот за здравство Венко Филипче, јави Плусинфо.



Во приговорот, како што образложи Нури Бајрами од ДКСК, се изразува сомнеж дека на 27 јуни годинава патничко возило во сопственост на Агенција за разузнавање било вклучено во предизборни активности на СДСМ во Штип и се бара од ДКСК да се санкционира одговорното лице.

– Во прилог на приговорот е доставена фотографија од возило во колона на други возила, со објаснување дека е вклучено во предизборни активности на коалицијата „Можеме“ и тоа во неработен ден. ДКСК побара образложение од директорот на Агенцијата за разузнавање Ерол Муслиу, и во писмено известување беше кажано дека возилото е донација од Кина и согласно препораките таквите донации се отстапени во користење на повеќе државни органи, меѓу кои и на Министерството за здравство, изјави Бајрами.

Поради краткиот временски рок, ДКСК на ден 6 јули се обратиле до Министерството за здравство, од каде им бил испратен само договорот за отстапување на тоа возило од Агенцијата за разузнавање и телефонско објаснува дека тоа возило е возено тој ден од министерот Венко Филипче, но не како што се наведува во приговорот на 27.06, туку на 28.06.

– Во телефонското објаснување се вели дека тоа возило е возено од министерот, кој претходно во Штип извршил работи и работни задачи од своја надлежност, но учествувал и во претставување на програмата на коалицијата „Можеме“ заедно со носителот на ИЕ3 Љупчо Николвоски и претседателот на СДСМ Зоран Заев – изјави Бајрами.

Во конкретниот случај, посочи Бајрами, се констатира дека е прекршен член 33, став 2 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

– Наводите од приговорот се потврдени. Приговорот се прифаќа и согласно тоа ДКСК во рок од 15 дена треба да покрене иницијатива до владата за утврдување на одговорност на министерот за здравство Венко Филипче – изјави Бајрами.