Антикорупциската комисија го проширила предметот за набавката на софтверот од страна на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, која во јавноста ја обелодени „360 степени“.
„Нашите наоди ги проширивме и на други јавни набавки не само за набавката на софтверското решение, на тие кои се поврзани со самиот предмет: камери, сталаци, подвижни кабини, има повеќе јавни набавки, со што износот на средствата кои се потрошени за тие договори е голем. Станува збор за околу 18 милиони денари, дополнително од тие 80 илјади евра“, изјави Катица Николовска, член на ДКСК.
Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски во моментов е во притвор.
Антикорупциска најави дека најверојатно ќе испитува дали е доведен во прашање легитимитетот на досегашните електронски полагања испити во државни институции, бидејќи фирмата инволвирана во тендерот со софтверот, „Инвока гроуп“, ги менаџира и државните испити. А Обвинителството ѝ ги заплени компјутерите, па системот за електронско полагање државни испити во моментов е блокиран.
Тука се полагаше за лиценци за возачи, медијатори, вештаци, управители со отпад, царински застапници, негуватели, а во овие простории се спроведуваа и испитите за идни судии и јавни обвинители, објави 360 степени.







