ДКСК немоќна, директорот Тозија “заштитена мечка” од Владата

Владата не постапува по барањето на Државната комисија за борба против корупција за смена на Горјан Тозија директор на Агенцијата за филм.



“Поднесовме иницијатива во врска со постапувањето на в.д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, со што побаравме одговорност и да го разреши”, истакна денеска Владимир Георгиев членот на антикорупциската Комисија прашан дали добиле одговор од владата за барањето на Државната комисија за спречување корупција.

Георгиев информираше дека од владата добиле одговор дека поради пандемијата не именувала друг директор но и дека не наведуваат дека ќе го разрешат.

Од владата им посочиле дека одговорноста која ја побарала ДКСК е предмет на позитивното законодавство во државата и дека тоа е во надлежност на други органи.

“Ние сметаме дека владата е надлежна, бидејќи според законот за филмска дејност владата е таа што го именува и го разрешува директорот. Оваа претставка е доставена и до вицепремиерот за корупција и очекуваме да видиме што ќе се случи”, истакна Георгиев.

Тозија е предмет на сомнеж за корупција поврзана со повеќе предмети а за регионалните конекции каде што се трошени пари на ЕУ истрага води и ОЛАФ телото кое испитува криминал со европски средства.

Тозија беше дел од скандал со две членки на ЕУ Хрватска и Словенија поради што имаше и дипломатски реакции од Загреб и Љубљана но тој се уште не може да биде сменет од својата позиција.