Дитирамбот на осаменоста на Радмила Шеќеринска

Има луѓе кои веруваат дека откако уставните измени ќе се усвојат шверцерски, преговорите со ЕУ ќе тргнат како по лој и нема да мине многу време а во Македонија ќе потечат европски пари, мед и млеко. Но, вистината е дека ништо од тоа нема да се случи

Конечно се најде јунак во врвот на владејачкиот СДСМ да покаже барем малку разбирање и за оние луѓе што се против најавените уставни измени и за нивните аргументи.



Радмила Шеќеринска. Лика и прилика на една „просветлувачка“ осаменост во овој СДСМ. По своја вина или заслуга, сеедно.

Да бидеме реални, ако од некого во ова раководство на СДСМ можеше да се очекува барем некаква смисла за нијансирано мислење и елементарна способност макар за миг да се издигне над паролите на ежедневната неинвентивна и здодевна пропаганда водена од „логиката“ на припростиот опортунизам на партиските апаратчици, тоа бездруго е најискусната, политички најобразованата и затоа и најизгубената во овој тим на Бихаќка.

Значи, сепак Радмила Шеќеринска. Прашање е дали воопшто може да се каже дека е дел од тимот. А и на журки не ја викаат, како што слушам. Пак ќе речам, по нејзина вина или заслуга, апсолутно сеедно.

Таа вчера, во дел од еден подолг исказ на дебата на химерата сосила наречена „европски фронт“, ги амнестираше тие што се против уставните измени. За кои таа самата беспоговорно ќе крене рака, тука да нема дилеми. Еве што кажа Шеќеринска:

„Многумина кои ја поддржуваат тезата за уставни измени треба да ги разберат и оние граѓани кои велат не. Главно се Македонци, но тој број не е за потценување. Најголем број од луѓето кои се против уставните измени не се против ЕУ. Не треба да ги убедиме дека ЕУ е важна, некои знаат повеќе и од нас. Тој отпор не доаѓа од отпорот против ЕУ, туку од стравот дека ова не е крај. И тој страв не е нереален. Се плашат дека после тоа ќе има нови барања“.

Ќе си дозволам една куса анализа на овој „дитирамб на осаменоста“ на Радмила Шеќеринска (да ја позајмам таа прочуена фраза со која Ниче своевремено нескромно го опишал своето дело „Така зборуваше Заратустра“).

Пред сè, не сум сигурен дека е сосема најкоректно тоа што Шеќеринска противниците на уставните измени ги идентификува како „главно Македонци“. Мислам дека таа треба малку подобро да се информира, по што лесно ќе дојде до заклучокот дека меѓу противниците на вака скроените уставни измени има и многу припадници и на другите „делови од народи“ што се спомнати во Преамбулата, а уште повеќе и некои други коишто не се спомнати, а не се ни планира да бидат „внесени“. Иако тие би сакале, кога некој веќе наумил да го отвори Уставот за да ги запише Бугарите…

Збунува и забелешката на Шеќеринска дека бројот на луѓето што се противат на најавените измени на Уставот „не е за потценување“. Вака на прва, тоа сугерира заклучок дека бројот сепак е мал, но е поголем од статистичка грешка. За волја на вистината, неколку релевантни анкети спроведени во последните месеци покажаа дека мнозинството граѓани на Македонија се противат на уставните измени. Истите анкети покажаа големо опаѓање на евроентузијазмот кај Македонците, што се толкува главно како последица на притисоците и на уцените од Софија и од Брисел кон Скопје.

Што се однесува до стравот од „нови барања“, за кој Шеќеринска точно ќе утврди дека „не е нереален“, би рекол дека тоа е само мал дел од проблемот. Она големо мнозинство Македонци кои со загриженост гледаат на обидот за агресивното наметнување на проектот на уставните измени како „услов без кој не се може“ напред кон ЕУ – тоа мнозинство кое владата на СДСМ и на ДУИ го потценува и често го понижува, нарекувајќи го „антиевропско“, „антизападно“ и „проруско“ – многу повеќе стравува од старите бугарски барања, за кои Софија се труди и успева да обезбеди поддршка од ЕУ. Тие барања се сведуваат на целосна негација на самобитноста на македонската нација. Тезите се општо познати, бидејќи Македонија и Македонците со нив се соочуваат најмалку 70 години.

Иако не можам да зборувам во името на сите луѓе кои од пропагандата на СДСМ се проскрибирани како „противници на Бугарите во Македонија“ и на нивното „внесување“ во Уставот, ќе си земам сепак слобода да нагласам дека станува збор за една голема лага, која се шири во јавниот дискурс, со нескриена зла намера да ги продлабочи поделбите меѓу Македонците, да внесе немир и да нè врати сите во црнилата на минатото од времето на пропагандите. Спротивно на таа манипулација, вистината е дека мнозинството Македонци не се против желбите на Бугарите да ги остварат своите индивидуални и колективни граѓански права (па и со внесување во Уставот, зошто да не), но тие не можат да прифатат поттекстот на тој потфат да биде брутално негирање на Македонија и на Македонците. А имено тоа се случува. На тоа упатува и евидентното отсуство на волја кај Бугарите да ги прифатат базичните наративи во Уставот, кои традицијата на Крушевската република, одлуките на АСНОМ и македонскиот јазик ги втемелуваат во основата на македонската државност.

Шеќеринска зборува за противниците, а јас мислам дека треба да се кажат неколку збора и за поддржувачите на овој проект на уставните измени. За луѓето кои самобендисано и борбено себеси се нарекуваат „европски фронт“.

Има една поголема група луѓе во Македонија, кои расправата за македонскиот идентитет и за македонската самобитност природно не ги засега. Тоа се Албанците. Разбирливо е тоа, на Балканот секој живее во своите митови и приказни. Иако, за волја на вистината, мора да се каже дека има и Албанци кои покажуваат емпатија кон Македонците, кон народот што втор пат за помалку од една деценија е под еден жесток, неевропски и крајно нецивилизиран притисок под диктат да се откаже од атрибутите на својот идентитет. Има Албанци, чиј број никако не е за потценување, кои ја чувствуваат таа неправда. Како и да е, логиката на бесконфликтноста нив „по дифолт“ ги рубрицира како „проевропски“. Има ли тоа некаква смисла?

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/ditirambot-na-osamenosta-na-radmila-she-erinska/