Подоцна од предвиденото, ракометарите на Вардар вечерва околу 22 часот пристигнаа во Келн, каде што претстојниов викенд ќе настапи на завршниот турнир од Лига на шампиони.
Европскиот клупски првак од 2017 година последен пристигна на својот трет фајналфор во низа поради откажаниот лет од Виена за Келн и пренасочувањето за Диселдорф, од каде што екипата со автобус пристигна во Келн.
„Како додаток на предвиденото тричасовно чекање на аеродромот во Виена, моравме да чекаме уште два часа, па сега сме доста уморни. Но, сега сме тука, а тука сме за да победиме“, порача левиот бек на „црвено-црните“ Кристијан Дисингер, единствениот германски ракометар што ќе игра викендов во „Ланксес арена“, откако ја залечи повредата на рамото.





