Директорот на „Салинен Австрија АГ“ Петер Унтерспергер бара од Германија, во врска со поскапувањето на гасот, отворање на гасоводот „Северен тек 2“.
„Американците воопшто не се оштетени од санкциите, тие профитираат од нив, а Германија и Австрија си пукаат во колено“, објасни Унтерспергер за aвстриската новинска агенција АПА.
Според него, ЕУ направила големи грешки и смета дека на Украина никогаш не требало да и биде понудено членство во НАТО, но сега не може да се врати назад, бидејќи Европа би го изгубила својот углед.
Унтерспрегер рече дека количините на однапред купена енергија се намалуваат и дека компанијата е се повеќе изложена на пазарните цени, кои само делумно може да ги пренесе на клиентите.
„Досега успеавме да проследиме само 10 до 12 отсто, а ни требаат 25 до 30 отсто“, рече тој.
Тој посочи дека производството и натаму е за 20 отсто помало и така ќе остане до крајот на годинава.
Унтерспергер смета дека политиката ги оставила бизнисмените на цедило.
„Зошто транзицијата кон обновливите извори на енергија не дојде порано? Ако гасот е поевтин, како претприемач, не можам да кажам затоа што е одржлив и ќе купувам зелена енергија од ветерници, која е двојно поскапа. Јас не сум Каритас“, рече тој.
Унтерспергер, исто така, ја критикува австриската влада за воведувањето данок на јаглерод диоксид, што, како што вели, влијае на конкурентноста во споредба со Германија.
„Нашите конкуренти добиваат огромни суми на пари, а ние идиотите седиме на суво и мораме да платиме 400 евра за мегават-час“, додаде тој во изјава за агенцијата АПА.







