Директорот на Алкалоид смирува: Има доволно лекови, не трупајте залихи

Директорот на фармацевтскиот гигант „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во интервју за ТВ 24 апелира граѓаните да не трупаат залихи на лекови затоа што компанијата е подготвена да ги сервисира сите побарувања.



Првиот човек на најголемата македонска фармацевтска компанија во интервјуто бара итни економски мерки со кои ќе им се помогне пред се на малите и средни претпријатија и на вработените во нив. За оваа тема тој ги повика партиите да изградат консензус.

Според Мукаетов средствата за дезинфекција не биле сериозен дел од производната програма на „Алкалоид“ и се произведувале како дополнување на програмата за лекови но сега поради потребата фирмата прави вонредни мерки за да се надмине проблемот.

“Други компании го креираа пазарот на дезинфециенси во земјава. За жал, одеднаш, веројатно по налог на државите од каде што доаѓаат и забраната за извоз на нивни производи, тие немаа можност да ги покријат нагло зголемените потреби, па на пазарот се создаде дупка, што разбирливо предизвика нервоза кај граѓаните. Ние веднаш се вклучивме, но најважно беше да одговориме на потребите и барањата на државните институции”, вели Мукаетов.

Тој додаде дека компанијата ги пренаменила капацитетите за производство на шампони.

Мукаетов објави дека Алкалоид започнал производството на дезинфециенси, односно на ‘Дезитнал’ кој е најбаран производ.

” Ќе се работи и во сабота и во недела и од понеделник, целата ситуација со дезинфециенсите во целата наша држава очекувам да се стабилизира” најавува Мукаетов, додавајќи дека само во март „Алкалоид“ произвел дезинфециенси колку во 2017, 2018 и 2019 година заедно.

И во однос на снабденоста со лекови граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи компанијата има сериозни залихи, уверува Мукаетов.

“Со сигурност можам да кажам дека ќе ги има четирите групи производи кои ги произведуваме, значи, лекови, дезинфециенси, раствори за дијализа и инфузиони раствори. Ние сме домаќинска компанија и имаме доволно залихи”, рече Мукаетов апелирајќи до граѓаните да не трупаат непотребни залихи.

” Да покажеме емпатија и солидарност и да купуваме толку колку што ни треба, за навистина да има за сите”, вели Мукаетов, додавајќи дека сите производи на „Алкалоид“, кои не се регулирани од страна на државата, од почетокот на кризата се со намалени цени. Како што е познато „Алкалоид“ ги намали цените на 158 нивни производи.