Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека единствена причина за смената на Милена Стевановиќ, досегашната директорка на Инфективна клиника е – истечениот сертификат за странски јазици.



На нејзино место е назначен инфектологот Фадил Цана кој имал комплетна документација, а воедно е и сопартиец на Меџити од Алијанса за Албанците, објави тв Телма.

„…ние во министерството ја прегледувавме документацијата и утврдивме дека има истечен сертификат за јазици. Имаше двајца кандидати и ние го одбравме тој што беше со комплетна документација“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.

Во CV-то на д-р Стевановиќ стои дека своите магистерски студии ги има подготвувано во Ројал Стејт Хоспитал Лондон и Челси Вестминстер Хоспитал Лондон, a една година била на специјализација, исто така во Англија.

Поседува сертификат за англиски јазик издаден од Кембриџ како најпризната квалификација за знаење на англиски јазик во светот, сертификат кој нема временски ограничувања.