Директорка именувана од Заев ја обвини бугарската академија дека лаже за македонскиот јазик

Десетина дена откако Бугарија јасно даде до знаење дека ако Македонија не го смени начинот на именувањето на македонскиот јазик нема да влезе во ЕУ и започна жестока дебата во јавноста, доаѓа реакција од Институтот „Крсте Мисирков“.



Директорка на институтот е Елена Јованова-Грујовска чиј избор беше потврден кога Зоран Заев беше премиер.

Минатата недела Јиванова – Грујовска за дел од медиумите одбила да реагира за негаторската позиција на Софија со образложение дека ИМЈ реагирал во декември.

Во реакцијата која е одговор на книшката на БАН од минатата среда се вели дека македонскиот јазик е реалност, а не југозападна писмено-регионална форма на бугарскиот јазик како што тврди официјална Софија.

“Македонците не можат да се чувствуваат како Бугари, ниту да го сметаат бугарскиот јазик за мајчин. Впрочем, во последните 100 години, само за време на окупацијата од 1941 до 1944 година во поголемиот дел на Македонија службен бил бугарскиот јазик, така што двата јазика се развивале одделно и притоа доста се оддалечиле”, пишуваат од Институтот во реакцијата упатена до медиумите.

“Заедничката иднина треба да се гради со меѓусебна доверба и пријателство. Тоа ќе се постигне само доколку се прифатиме и вистински се почитуваме, а секој што претендира себеси да се смета за научник мора да биде во согласност со времето. Основно човеково право е правото на употреба на мајчиниот јазик и на самоопределување. Секој обид да се постигне тоа со сила или уцена ќе биде неуспешен”, се вели меѓу другото во дописот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје до медиумите на најновото издание на Бугарската академија на науките (БАН).

За Институтот ставовите на авторите на позицијата на БАН со наслов „За официалния език на Република Северна Македония“, потпишана од 12 автори и шест надворешни консултанти под раководство на проф. д-р Васил Николов, заменик-претседател на БАН што беше промовирано на 7 мај годинава, не се научно базирани.

“Она што може да се заклучи од првиот поглед на оваа книшка е дека ставовите на авторите не се научно базирани. Македонскиот јазик функционира како стандарден јазик веќе 75 години, рамноправен во рамките на Обединетите нации, со испишани илјадници страници во сите функционални стилови. Вештачките јазици, оние кои немаат жива основа не успеаја да го поминат тестот на времето. Таков беше случајот со есперантото, на пр. македонскиот јазик кодифициран на народна основа го нема тој проблем… Македонците не можат да се чувствуваат како Бугари, ниту да го сметаат бугарскиот јазик за мајчин. Впрочем, во последните 100 години, само за време на окупацијата од 1941 до 1944 година во поголемиот дел на Македонија службен бил бугарскиот јазик, така што двата јазика се развивале одделно и притоа доста се оддалечиле”, велат од Институтот во реакцијата упатена до медиумите.

“Главните тези на оваа книшка, ни се добро познати зашто претставуваат официјален став на бугарската лингвистичка наука за наводното „непостоење“ на македонскиот јазик, кој е побиен повеќепати со научни аргументи (Конески Б. По повод најновиот напад на нашиот јазик, Скопје 1948; За македонскиот јазик, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Посебни изданија, кн 11, Скопје 1978; Стаматоски, Т. Борба за македонски литературен јазик, Скопје 1986; Минова-Ѓуркова Л. Македонски јазик, Ополе 1998.).

– По брзиот прочит (се работи за книшка од вкупно 68 страници со многу фотографии), може да се забележи дека информациите главно се паушални и тенденциозни, без цитирање соодветна литература, направен е избор на „подобни“ личности од Македонија кои се анализираат, се обвинуваат познати македонски лингвисти за плагијат и ненаучни толкувања без соодветна поткрепа, се воспеваат потпросечни македонски писатели како прочуени зашто имале пробугарски ставови, па дури и се даваат насоки за македонските научници како треба да пишуваат и каков треба да биде македонскиот јазик во иднина. Згора на сè, се промовира и ново име на македонскиот јазик, а тоа е северномакедонски бугарски јазик.
Во вкупно 11 поглавја, поголемиот дел насловени како „Вистината за…“, ни се нудат искривени факти за историјата на македонскиот јазик, за имињата, за „бугарските“ книжевници од преродбата, за создавањето на книжевната норма, за „бугарската“ природа на македонските дијалекти итн. Книшката започнува со тезата дека „официјалниот јазик на Република Северна Македонија по своето потекло и структурно-типолошки карактеристики е југозападна писмено-регионална форма на бугарскиот јазик“ (с. 7), термин кој не постои во лингвистиката како наука.

– Македонскиот јазик е предмет на интерес на повеќе странски научници, како на пр., на Хорас Лант, професор на Универзитетот Харвард и студент на Роман Јакобсон, кој во 1952 г. објави „Граматика на македонскиот литературен јазик“ на англиски, потоа Гард, Миниси, Пјанка, Хил, Лубаш, Фридман, Усикова, Крамер и др.. Застапен е во Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), Европскиот лингвистички атлас (ЕЛА) (Atlas Linuarum Europae ‒ ALE), Малиот балкански атлас. Македонскиот јазик се проучува. Mакедонскиот јазик се изучува и се изучувал на различни нивоа на повеќе од 30 универзитети во: Австралија (Мелбурн, Сиднеј), Австрија (Виена), Албанија (Тирана), Италија (Неапол), Канада (Торонто), Полска (Варшава, Краков, Катовице, Сосновјец), Романија (Крајова, Букурешт), Русија (Москва, Перм), САД (Чикаго, Чапел Хил, Портланд), Словенија (Љубљана, Марибор), Турција (Истанбул), Унгарија (Будимпешта), Франција (Париз), Хрватска (Загреб, Риека), Чешка (Прага, Брно) и др., а за научни проучувања бројката е многу поголема”, се вели меѓу другото во реакцијата на Институтот.

Целиот документ на следниот линк

Целиот документ на ИМЈ “Крсте Мисирков” за ненаучната книшка на БАН