Двајца од трите извршни директори на Македонска навигација, Фахрудин Хамиди и Хасим Деари нместо да преземат одговорност за вчерашните инциденти, на прес-конференција се пофалија за нивните успеси во раководењето со институцијата. Хамиди кажа дека нема да поднесе оставка на директорската функција, бидејќи од Владата веќе ги најавиле нивните разрешувања. Гарантира дека безбедноста не е загрозена, а вчерашниот насилен упад и напад на вработени според него е мало кошкање и личен конфликт помеѓу двајца вработени во М-НАВ. Хамиди го обвини синдикалниот лидер Александар Тасевски за непотизам, лажни клевети и лукративни интереси.
„Јас сум спремен уште денеска да си дадам оставка, и вчера и завчера. Но поради ова што ви го кажав, позади мене стојат многу позитивни работи, така ценам.. Но денеска да поднесам оставка, а вчера владата веќе најави, ќе испаднам како… Хаха.. Ајде, владата решила, па нека си се расправа. Се работи за некојси личен, кошкање, што го има во секоја организација, лицата се вработени во М-НАВ. Лукративните интереси на Тасевски, си го направи своето.“, изјави Хамиди.
Претходно претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, кажа дека денеска на средба во Делегацијата на ЕУ добиле поддршка за нивните барања за професионализам и заедно со амбасадите ги следат сите случувања. Според него опасноста вчера била голема, но за среќа контролорите се обучени за напади, бомби, опасности. Остануваат на барањата за разрешувања на раководството на М-НАВ, а МВР да го расчисти случајот. Во спротивно, за пет дена, одат на штрајк и ќе го затворат македонското небо.





