Дипломатскиот булдожер во кој се крсти СДСМ излегува на сцена, ќе се кршат коски или принципи?

Во веста која Плусинфо ја објавува со наслов ,,Утре Ескобар ќе витка коски” се вели дека заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар утре доаѓа во посета на Македонија.



Ескобар ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, потврдија за МИА од кабинетот на шефот на државата. Предвидено е Ескобар да има средба и со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ескобар ќе биде во земјава и в петок (25 август) за кога се предвидени најголем дел од средбите со неговите соговорници.

Доаѓањето на Ескобар на Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.

Пленарната седница за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот почна на 18 август. Дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата, претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.

За усвојување на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, што е единствена точка на 123 седница, неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази за промена на Уставот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Кичево изјави дека се прави стратегија како да се скрши ВМРО-ДПМНЕ за опозициски пратеници да гласаат за уставните измени.

– Денеска, додека го зборувам ова, ние сме соочени со историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прават стратегија како да ја скршат ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат – рече Мицкоски вчера во Кичево.

Денеска Мицкоски порача дека е добредојден секој што сака да ги слушне аргументите на ВМРО-ДПМНЕ.

Добредојден е секој добронамерен соговорник и секој кој сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, оцени денеска лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски во пресрет на посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД Габреил Ескобар на Скопје.

,,Како и секоја друга посета. Изминатиот период имавме многу посети од високи странски претставници.

Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, отприлика содржината на тој состанок се наѕира, ја знаеме што е, така што секој добронамерен сдоговорник е добредојден, секој кој сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на народот е добредојден.

Тоа што сега власта се обидува посетата на на Ескобар да ја претстави, условно кажано, како дипломатски булдожер којшто тука е повикан од Владата за да врши тортура и притисок, е веќе слабост на овие криминалци во Владата.

Тортура и притисок во 21-от век веќе никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници” , рече Мицкоски, на новинарско прашање при посетата на Велес.

Според Мицкоски, за неколку месеци ќе има нова Влада и нова реалност, а власта, како што оцени, треба да прифати предвремени парламентарни избори затоа што не можат да го испорачаат тоа за што презеле обврска надвор од легитимитетот.