Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера тврдеше дека истрагата за случајот “Пасоши за мафија” почнала во февруари 2019 година.
Но тој не откри зошто една година по почнувањето на истрагата во јануари 2020 година црногорски државјанин влегол во полициска станица, се сликал и добил македонски пасош со кој заминал во Украина и извршил атентат.
Овој случај дава неколку можни сценарија со кои може да се објасни изјавата на Спасовски за истрага почната во февруари 2020:
1. Службите во МВР и обвинителството свесно го пуштиле црногорскиот убиец да извади пасош по што тој патува во Украина за да изврши атентат
2. Истрагата за која зборува Спасовски била отворена само формално правно за да се смета за отворена пред странските партнери а всушност никој во МВР и во Обвинителството реално не работел на оваа тема.
3. Некои истражители на МВР и Обвинителството кои според Спасовски работеле на случајот биле во дослух со мафијашите кои добивале црни пасоши, од кои еден заминал да изврши атентат во Украина
4. Истрагата се забошотувала и се водела на крајно аматерски начин поради политички притисок таа да не донесе никакви резултати
Доколку истрагата се водела со полн капацитет на МВР и обвинителството немало никаква шанса на 26 мај 2020-та носител на македонски пасош заедно со друг Црногорец и Србин во Украина да бидат осомничени за обид за убиство на лидерот на кавачкиот црногорски криминален клан, Радоје Звицер.
Ако била истрагата по сите правила како што тврди Спасовски украинските власти немало да го уапсат лажниот Македонец уапсен во Украина, со пасош издаден од МВР затоа што тој ќе бил спречен да извади македонски пасош.
Доколку МВР и обвинителството ја вршеле истрагата соодветно црногорецот Стефан Ѓукиќ кој една година по почетокот на истрагата добил македонски пасош на име Ѓорѓи Каце, ќе бил уапсен од македонските а не од украинските власти.
Како се случувало во текот на истрагата да бидат издавани црни македонски пасоши а да не биде никој уапсен или спречен е прашање на кое министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера не даде одговор иако тврдеше дека се направени сите соодветни чекори во истрагата.

Ова прашање ќе биде интересно и за украинските власти кои сигурно ќе сакаат да знаат зошто во тек на истрага Црногорец добил македонски пасош со кој заминал да изврши атентат на украинска територија.
Според Виенската конвенција доколку една земја има информации за настан што може да предизвика насилство или немир во друга земја таа треба преку дипломатски или соодветни безбедносни канали да ја информира земјата на која и се заканува неред.
Во овој случај официјален Киев може да ги прекине дипломатските односи со Македонија ако се утврди дека македонските власти свесно издале пасош на атентатор кој отпатувал во Украина за да изврши кривично дело.






